„Поканив 75 луѓе на забава дома, дојдоа 150“: Кој им бил најубавиот дочек на Нова година на познатите Македонци?
- Детали
- недела, 31 декември 2023
Иџе со семејството, Васил Гарванлиев организирал луда забава без знаење на цимерката, Симона Поповска дома, откако многу години била на настап... Кои им се омилените дочеци на Нова година на нашите јавни личности?
Забава со друштво, пречек на плоштад во позната метропола, дочек на Нова година на настап во идилична празнична атмосфера, но и забава дома која не завршила по планот.
Познатите Македонци за CRNOBELO.com открија кој дочек на Новата година најмногу го паметат...
Игор Стефановски - Иџе, автомобилист
„Најубавиот дочек за Новата година го имав со сопругата и децата, но не првите години кога се родија Олег и Нина, туку кога малку потпораснаа и веќе разбираа што се случува.
Како тинејџер, еуфоријата сум ја доживувал поинаку, но прославата што ја имавме заедно како семејство беше посебна - таа хармонија е нешто најубаво.
Нè очекуваат уште многу нови години и посакувам да нè следат сите само убави моменти“.
Бојана Скендеровски, пејачка
„Имам два најубави дочека на Нова година.
Едниот е во 2015-та година, кога со моето тогашно момче, а сегашен сопруг Васко, бевме во Виена и ја дочекавме новата година на плоштадот на многу специфичен начин - пиевме варено вино, нивно автентично, и игравме валцер, бидејќи таква музика слушаат тие за Нова година.
Вториот дочек беше во 2018-та година, кога веќе беше родена нашата ќерка Искра и заедно со неа бевме дома - прва Нова година дома со бебе“.
Васил Гарванлиев, пејач
„Најубавиот дочек на Нова година го имав од 2009 кон 2010 во Торонто, додека бев студент на Универзитетот на Торонто.
Не знаевме кој остана во градот, а кој замина дома за да биде со фамилијата. Одлучивме да славиме кај мене (цимерката не беше дома).
Темата беше Sparkle Punch. Постоеја две правила: Sparkle – мораш да носиш нешто сребрено, златно или бронзено на себе и Punch – да дојдеш со шише светол или темен алкохол. На вратата имаше две кофи каде што се истураше алкохолот (за светол или темен коктел).
Одлучив преку Фејсбук да поканам околу 75 луѓе, мислејќи дека ќе дојдат пола од нив, но не само што дојдоа тие 75, туку секој си донесе +1. Немаше игла кај да падне во станчето од гужва.
Вечерта беше прекрасна. Јас бев 'полицаец' до 23:45 да видам кој пие најмногу и да пазам што прави.
Сите се однесуваа како да се знаат цел живот, а за журката се зборува и денес. Многу од тие нови пријателства и врски од таа вечер траат и денес“.
Барбара Поповиќ, пејачка
„Најубава Нова година досега ми е дефинитивно 2007-ма.
Ја памтам како вчера, во куќата на моите дедо и баба во Охрид - цело семејство на куп, најубавата бабина храна и многу љубов.
Да можам, сè би направила да ја вратам“.