Заблуда е дека никотинот е главен предизвикувач на заболувања предизвикани од пушење
- Детали
- петок, 07 мај 2021
Кога мислиме на лековити билки, секогаш прво на ум ни се разни мешавини од чај и мелеми што може да ни помогнат кај многу здравствени проблеми. Знаеме дека многу класични лекови се направени од екстракти добиени од растенија какви што се бела врба, нане, камилица, слез, ехинацеа, гинко билоба и многу други.
Сепак, постојат и растенија за кои досега цврсто се веруваше дека поради нивниот состав, не се добри за човековото здравје. Една од таквите билки е тутунот, кој во себе содржи висока концентрација на никотин – алкалоид кој предизвикува зависност, поради кој многумина не се откажуваат од пушењето цигари.
Заедничко мислење е дека никотинот е исклучиво компонента на тутунот, а многумина и не знаат дека се наоѓа и во други растенија, па дури и во редовните намирници кои се на нашата трпеза - компир, лути пиперки, модар патлиџан, домат, карфиол, гоџи бобинки, црн чај.
Денес сѐ повеќе научни студии покажуваат дека никотинот повеќе децении целосно незаслужно се наоѓа на столбот на срамот и експертите тврдат дека неправедно му се препишува негативно својство кое воошто нема основа во реалноста.
Иако е точно дека создава зависност и не е супстанца без ризик, научниците тврдат дека е заблуда дека никотинот е примарен причинител за болести предизвикани од пушењето, како и тоа дека тој самиот по себе предизвикува малигни заболувања и има толку негативни последици по здравјето. Работата е во тоа што за задоволувањето на потребата за никотин, при консумирањето цигари, процес кој подразбира согорување на тутунот на високите температури, се испушта чад кој во себе содржи огромен број штетни супстанци, од кои околу стотина се канцерогени. Затоа, токму чадот, а не никотинот е причинител на болести поврзани за пушењето.
„Катран, јаглерод моноксид, други токсини и канцерогени материи во чадот од тутун, а не никотин, предизвикуваат болести и смрт“, истакнува Ен МекНил, професорка од областа за лечење зависности од пушење на Институтот за психијатрија, психологија и невронаука на Кралскиот колеџ во Лондон, која својата кариера ја посветила на истражување на начинот за помош при одвикнување од пушење.
Тоа што ќе изненади многумина е фактот дека во последно време сѐ повеќе се истражува потенцијалната позитивна улога на никотинот во лекувањето на одредени болести. Во тек се неколку клинички студија кои се обидуваат да утврдат кои придобивки од никотинот може да има во терапијата за паркинсова болест, некои видови деменција, хиперкинетичко нарушување на вниманието, депресија, улцеративен колитис, инфекција на горниот респираторен тракт, па дури и малигно заболување како што е сарком. Ниту еден лекар нема да советува болно лице да започне да консумира класични цигари, ниту, пак, да тврди дека пушењето може да биде добро за здравјето, но веќе се истражуваат потенцијалните позитивни дејства на никотинот во терапиите за замена на никотин како што се никотинските мастики, никотински фластери и никотински инхалатори.