Објава на Македонка ги подели мислењата: „Охриѓани мавате со дрва и камења по скопјани, а со скапотијата ја надминавте Грција“
- Детали
- среда, 04 септември 2024
Темата за односот на охриѓани и скопјани е неисцрпна инспирација за коментари години наназад. И додека голем дел од нас немале искуство со дрскост сервирана од другата страна, една скопјанка се огласи дека го доживеала тоа на своја кожа. Основано или не, што мислите вие?
Калина Коси е Македонка со повеќе од 21.000 следбеници на Фејсбук, која не го открива својот идентитет, но отворено коментира на многу теми, а овој пат проговори за нејзините впечатоци за Охрид.
Таа откри дека го обожава овој град, но дека навистина не ѝ се допаѓа дрскоста и скапотијата кои ѝ се сервираат таму.
Мислењата на тема охриѓани и скопјани секогаш се поделени, многумина сметаат дека навистина нема никакво непријателство, но Калина го споделува своето гледиште на ситуацијата.
Нејзината објава која поттикна дебата на Фејсбук:
„Охрид. Го сакам и секое лето наоѓам време да отидам. Заради убавините, залезите, свежината на езерото и воздухот навечер.
Ама oхриѓани? До кога? Искрена да бидам, тоа гледање попреку, дрскоста и правењето фаци кога ќе се чуе скопски акцент, преживеано, изживеано и надживеано ми е веќе! Па, уште гледам отворени страници на интернет, као демек само за oхриѓани и таму се мава со дрва и камења по сè што доаѓа од Скопје, не од други градови, туку претежно само од Скопје!
Дури и сликате луѓе и јавно ги објавувате, возила со скопски таблички погрешно паркирани или што ја знам, па си играте мајтап. Овие скопјанчиштава некултурни, вакви, такви, само мани наоѓаат, скапо им било, прљаво им било, не идете ако ви е скапо и други малограѓански муабети (ако баш сакате да знаете, скопјани мрчат за сегде, не само за Охрид).
Како Охрид да е само Ваш и таму никој друг не треба да стапнува оти ви го валка и гази. Шегаџиски демек, ама нит е смешно, нит интересно веќе.
Замислете така и ние скопјаните? По кого ќе маваме? Чии регистрации ќе сликаме? Па таму ќе треба да се плука по цела Македонија нели? По охридската логика и практика. За среќа па не сме ние такви.
Да не зборам за скапотијата ама ќе зборам. Сте го надминале и Скопје и Грција и многу други европски летувалишта на кои сум била па знам, не зборам на памет!
И на крајот на краиштата, Охрид не е само Ваш и никогаш нема да биде! И мој е и сечиј! Ете така да си знаете.
П.С. Да не биде сите во ист кош бидејќи не се сите за таму. Од статусов ги исклучувам сите пристојни, модерни и културни охриѓани кои знаат како се води туризам, како се почитуваат туристи без оглед од каде доаѓаат, кои ги надминале комплексите или никогаш ги немале. А знам многу, многу такви добри луѓе!“
https://www.facebook.com/kalinakosi/posts/pfbid0qRRvwL8D9XqyMK2TN8fKgaGKpawabXyGqGh3dKdTH4EbNqnskMntZCotizyKF5uFl
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com