Дизајнерката Ивана Кнез со емотивна објава за мајка ѝ: „И кога работеше во погон, беше дотерана – не е до парите, до волјата е!“
- Детали
- петок, 20 септември 2024
„Не е ниту до работното место ниту до финансиите, до волјата и желбата за живот е, жена си онолку колку што бираш да бидеш“ – порача дизајнерката Ивана Кнез до новата фотографија од мајка ѝ Јулија, за која рече дека и кога работела на погон, била дотерана како од „Бурда“.
Нашата дизајнерка Ивана Кнез објави нова фотографија од мајка ѝ Јулија, на која таа е дотерана од глава до пети во светловиолетов костум и бела кошула, со соодветно избрана чанта, чевли и очила за сонце, а во описот упати моќна порака до сите жени.
Ивана уште еднаш се обиде да нѐ потсети дека на жените не им е потребна дополнителна причина за да бидат убави и да греат, туку дека тоа треба да го направиме за себе.
Таа уште на самиот почеток нагласи дека главен пример за тоа ѝ била нејзината мајка Јулија.
„Додека работеше во погон на пакување, таа и сите нејзини колешки беа како од „Бурда“ (за тоа време нели).
Не е ниту до работното место ниту до финансиите, до волјата и желбата за живот е, жена си онолку колку што бираш да бидеш.
Јас сум си сама крива што за сѐ велам ‘можам’, а потоа не останува мотивација за мене сама.
Ние сме си сами криви што бараме причини за сѐ, од тоа јадење до облекување и губиме контакт со магијата на женственоста.
Биди си жена за себе, не барај причина за да грееш!“ – порача Ивана.
Инаку, ова не е првпат нашата дизајнерка јавно да ѝ се заблагодари на мајка ѝ за сѐ што направила за неа.
Во рамки на Скопски моден фестивал, во април годинава, таа со модната ревија насловена „Тајна вечера“ прослави 15 години присуство на домашната модна сцена, а на Инстаграм објави видео во кое на крајот на ревијата ѝ се поклонува на мајка си и до него напиша:
„Сѐ што сум е заради неа. Благодарна сум на универзумот што ми се падна да биде моја!“
Б. С. Б. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





