Креативни учителки и дечиња од градинка во Скопје направија уметнички дела од пластични капачиња (фото)
- Детали
- петок, 23 април 2021
На тревникот во скопската градинка изникнаа прекрасни цветови, прошетаа инсекти, долетаа птици, се појави виножито, се разбранува морето - сето ова направено од пластични капачиња... Секоја чест и за учителките и за дечињата. Огромно браво!
Дека во Македонија постојат креативни учителки, кои на совршен начин ги инспирираат децата, доказ е градинката „Росица“ од скопската населба Ѓорче Петров.
Таму вчера, по повод 22 Април – Меѓународниот ден на планетата Земја, беа направени вистински уметнички дела од капачиња од шишиња.
На Фејсбук профилот на градинката објавија:
„Во нашата градинка многу често креативно рециклираме со различни материјали (хартија, цд, пластични шишиња и др.), но најпогодни за работа ни се пластичните капачиња, бидејќи се во различни бои и со нив децата многу лесно работат.
Оваа година за да го одбележиме 22-ри Април - Меѓународниот ден на планетата Земја, ги избравме токму нив за да направиме прекрасни изработки, со кои ги разубавивме нашите дворови.
Воспитувачите, негувателките и децата заедно, најпрво планираа какви изработки ќе прават , па потоа на шпер плочи, стиропор, пластични капаци редеа капачиња и ги одбираа боите, лепеа и креативно се изразуваа.
Така во тревите изникнаа прекрасни цветови, прошетаа инсекти, долетаа птици, се појави виножито, се разбранува морето.
Децата со радост ги шетаа своите родители меѓу изработките и се гордееја на својот труд. Минувачите и родителите зачудени и восхитени застануваа да погледнат и да се фотографираат.
И да не заборавиме, додека се подготвуваше овој проект, децата ги едуциравме како да ја чуваме нашата планета Земја од загадување за да остане зелена, чиста и здрава.
Планетата Земја е единствениот наш дом!
Затоа нека секој ден биде ден на планетата Земја!“
Нивните дела:
С. С. | Црнобело / фото: Фејсбук