Продолжува трендот на намалување на загадувањето во Скопје
- Детали
- петок, 19 март 2021
После добрите резултати од анализата за јануари, кои забележаа намалување на загадувањето во Скопје во споредба со претходните години, слични резултати се добиени и за февруари. Односно, со споредувањето на нивото на ПМ10 честички и бројот на денови на надминување, позитивниот тренд на опаѓање е забележан и во февруари годинава.
Фото: мерни станици на Министерство за животна средина и просторно планирање
Од графиконите изработени од Министерството за животна средина и просторно планирање се забележува дека во сите државни мерни станици во централното подрачје на Скопје има намалување на загадувањето во последниве години, односно во периодот 2018-2021.
На пример, во најзагадениот ден во Карпош од февруари 2017-та измерена е концентрација од 471 микрограм ПМ10 честички, додека годинава бројката е намалена повеќе од четирипати и изнесува 100 микрограми на метар кубен.
Оваа година Карпош, заедно со Гази Баба, го бележат најниското ниво на максимална среднодневна вредност на ПМ10 честички во воздухот. Слични резултати се добиени во сите државни мерни станици во Скопје.
Со анализа на податоците од февруари, се забележува постепено и континуирано намалување на бројот на ПМ10 честички во воздухот, по драстичниот пад во 2018-та.
Фото: мерни станици на Министерство за животна средина и просторно планирање
Ако се направи просек на годишно ниво, се забележува дека во 2020-та падот на нивото на ПМ10 честички е особено изразен. Кога ќе се земе предвид дека бројките се намалуваат во најзагадените месеци од годината – јануари и февруари – можеме да очекуваме дека трендот на опаѓање ќе продолжи во текот на целата 2021-ва. Овие податоци се индикација дека се преземаат вистински чекори за долготрајно решавање на проблемот со загадувањето.
Фото: мерни станици на Министерство за животна средина и просторно планирање
Јасно е дека мерките за намалување на загадувањето нема да дадат резултати преку ноќ, но овие податоци го покажуваат нивното позитивно влијание, што значи треба посветено да се продолжи со преземените активности за да се стигне до посакуваната цел.