„Аплаузот ќе ми одѕвонува долго време“ - Актерите со маски премиерно ја изведоа „Хипноза на една љубов“ во Драмски театар - Скопје
- Детали
- петок, 13 ноември 2020
На 12-ти ноември, сцената во Драмскиот театар – Скопје повторно заживеа и по долгата пауза заради пандемијата, актерите ја почувствуваа моќта на аплаузот, по врвната изведба, која за нив со сигурност не беше лесна со заштитни маски.
Станува збор за претставата „Хипноза на една љубов“, чиј автор е Душан Ковачевиќ, во режија на Димче Николовски, сценографија на Тодор Дајевски, костимограф е Раде Василев, а на визуелни ефекти работел Милчо Узунов.
За музиката беше задолжен Александар Митевски, кој и овојпат се покажа одлично, а песната со истоимениот наслов на претставата, која ја изведува заедно со Драган Спасов - Дац, ја доживеа својата премиера.
Главните улоги ги толкуваа Драган Спасов – Дац, Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревси, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ.
Дац на својот Фејсбук профил напиша емотивни зборови по повод премиерната изведба на оваа претстава во Драмскиот театар-Скопје, во време на пандемија:
Денеска во мојот Драмски имавме премиера, претстава која ја почнавме пред цела една година. "Хипноза на една љубов"
Среќен сум неизмерно за подвигот кој го направивме играјќи ја претставата во ова невреме. Публиката (по протокол) ни подари таков аплауз, што ќе ми одѕвонува во ушите долго време.
Искрено се надевам дека на пролет ќе ја играме пред полн салон!
Публиката беше со намален капацитет, почитувајќи ги протоколите за безбедност, а актерите во текот на претставата носеа заштитни маски.
Културата во време на пандемија дефинитивно е исправена пред огромен предизвик, но со почитување на мерките и протоколите, се надеваме дека повторно ќе заживее како што доликува.
Текстот „ Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ досега бил изведен само во матичниот театар на авторот – Театар Ѕвездара – Белград, каде што се игра со огромен успех. Тоа е најновиот текст на Душан Ковачевиќ.
Текстот Хипноза на една љубов би можел да се нарече бајковито, тажна, магична комедија. Сите ликови во овој текст на Душан Ковачевиќ се добри , поточно добронамерни. Тој дел ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост затоа што нивните деца си заминуваат од своите домови и одат во туѓина. Тоа што овој текст го прави голем е начинот на кој авторот ја пренесува болката така што слушателот и гледачот го тера да се насмее. Магија. – гласи изјавата на Катарина Коцевска Хаџи Василева, директор на Драмски театар – Скопје.
Погледнете ги фотките од изведбата на „Хипноза за една љубов“, објавени на Фејсбук страната на Драмски-театар - Скопје:
М. М. | Црнобело