Злато и сребро за Публицис Македонија на Голден Драм 2014
- Детали
- четврток, 16 октомври 2014
На 21 издание на најголемиот адвертајзинг фестивал на Нова Европа „Голден Драм”, кој заврши минатата недела во Порторож, Публицис Македонија доби злато и сребро, и е единствената агенција од Публицис групацијата што добила награда на овој фестивал годинава.
Исто така во неофицијалниот дел од фестивалот во натперварот за Beat the Drum for Change Award, тимот на млади креативци од Публицис добија сребро за идејниото решение за кампања за унапредување на глобалната едукација.
Публицис Македонија доби Злато („Golden Drum”) во категоријата Односи со јавност, Alzheimer’s News Editors реализиран за Националниот институт за неврологија, како и сребро за истиот проект за Медиумска кампања. Зад идејните решение стои креативниот тим кој го сочинуваат Василије Ќорлука, Дејан Спирковски, Милан Стојанов и Мики Стефановски како и поширокиот агенциски тим.
Проектот е резултат на исклучителна соработка, помеѓу Публицис и трите национални весници Дневник, Нова Македонија и Вечер, како и на најголемите ТВ станици, МТВ, Сител, Канал 5, Алсат и Алфа, со чија помош се имплементира креативен концепт и притоа само за еден ден се информира 68% од вкупната популација. Проектот за Националниот институт за неврологија е реализиран без медиумски буџет, на светскиот ден за борба против алцхајмер.
"Целта на кампањата беше да се подигне свеста за симптомите од Алцхајмеровата болест, за нејзино навремено дијагностицирање, што е суштинско за лекувањето и ги зголемува шансите за поквалитетен живот на заболените. Идејата се базира на фактот дека луѓето најчесто се сеќаваат на нешта од минатото, но не и на работи што се случуваат во сегашноста. Претставивме разговори со Алцхајмерови пациенти, за она што се најновите вести за нив, а од нивните одговори креиравме „вести од минатото”. На светскиот ден за борба против Алцхајмер на насловните страни на весниците беа објавени вести од минатото, а исто така вестите на ТВ станици беа заменети со вести од минатото. Главната порака на целиот концеп беше: Ова се најновите вести за луѓето со Алцхајмерова болест" изјавија од креативниот тим на Публицис Македонија.