Најубавиот подарок за 33-тиот роденден на Тоше
- Детали
- сабота, 25 јануари 2014
Денес не е ден за тага и солзи. Денес е ден за радост и благодарност. Благодарност за честа да се биде покрај него. Денес е ден што се слави. Се слави првиот ден од неговиот живот. А тој ден е најважен и најубав, бидејќи Тоше има само датум на раѓање.
Ова е најубавиот ден кој ни го подари најубавиот подарок. На овој ден, пред 33 години ја добивме најубавата насмевка, најголемото срце, најшироката прегратка, најмоќниот глас и најискрената љубов.
Го добивме најголемиот човек меѓу сите луѓе. За тоа треба да бидеме благодарни. Среќата траеше кратко, само 26 години, но и 100 години да траеше малку ќе беше. Никогаш доста од таа љубов и добрина.
Во секоја година од тие 26 години, Тоше го даваше максимумот од себе. Неизмерно, безрезервно, искрено. Тоа треба да се слави, за тоа треба да се благодари.
Денес го славиме неговиот 33-ти роденден, го славиме денот со неговата музика, со љубов, хуманост и насмевка за да го продолжиме неговото дело. Тоа е најголемиот роденденски подарок кој можеме да му го подариме.
Никогаш не сакаше солзи и тажни лица. Затоа, колку и да боли што го нема некаде за да му се втрчаме во прегратка, за да нѐ бакне сите, за да ни каже убав збор и неговото најискрено: „Ве сакам сите“, избришете ги солзите.
Помислете на него, на неговата насмевката и возвратете му со насмевка, со омилената песна и со пулсот на срцето кое ќе чука посилно за него.
Така се слави роденденот на Тоше. Нека биде најубав спомен, нежна музика и вистинска љубов.
Среќен 33-ти роденден, Тоше!