Скопје се сеќава на херојот кој спаси 36 луѓе

skopje-se-sekjava-na-herojot-koj-spasi-36-lugje-1

Лазар М. Дракул, писател, сведок на првите моменти по катастрофалниот земјотрес

Живи ли сте?

Најгрозни во тој момент беа пискотниците за помош што доаѓаа речиси од сите страни. Откога се крена правот, не можевме да им поверуваме на очите. Веднаш почнавме со вадење на приклештените и затрупани луѓе, но не знаевме каде попрво да се фатиме за работа.

Тивко јулско утро. Атмосферата во патничкиот авион што леташе на релација Атина-Париз беше вообичаена. Пилотот ги проверуваше координатите на летот уште еднаш, иако сето тоа и на сон го знаеше. Веќе наближуваше кон Скопје. На радиостаницата почна да ја бара фреквенцијата и да ја чуе контролата на летање задолжена за летовите над овој дел на Македонија. Во слушалките допираше само некакво шуштење. Тоа малку го збунуваше, но знаеше дека и техниката знае понекогаш да затаи.

- Контрола на летање, дали се слушаме, прием?

Од таму повторно шуштење. Се обиде уште еднаш, но исходот беше ист. Никаков контакт. Копилотот ја повтори истата постапка, но и тој не успеа да оствари контакт. Пилотот фрли поглед на часовникот и забележа дека е точно 5 часот и 17 минути, а потоа погледна низ прозорецот и она што го виде долу му го зема здивот.

- Менувај ја фреквенцијата, овде нешто се случува! - му викна на копилотот.

- Контрола на летање, според моите пресметки треба да се наоѓаме над Скопје, но долу гледаме само некаква прашина. Скопје го нема, можете ли да ни кажете што се случува, прием?

Ова беше прва информација што допре во светската јавност во самиот момент на големата катастрофа што го погоди Скопје. Вака ја започнува својата приказна Лазар М. Дракул, писател, долгогодишен новинар и фоторепортер на „Илустрована политикаˮ, сведок и учесник во спасувањето на граѓаните кои во првиот момент по земјотресот на 26 јули 1963 година, се затекнаа под урнатините.

skopje-se-sekjava-na-herojot-koj-spasi-36-lugje-2


ЛИЧНАТА ПРИКАЗНА

На таа трагедија најлошо беше што во градот немаше многу млади луѓе што можеа да помогнат по првиот удар. Тогаш ретко кој одеше во Охрид, Преспа или Дојран, туку повеќето одеа по селата и градовите во внатрешноста. Во тој период, сè уште беа живи селата. Скопје тогаш беше пусто и празно. Во градот останаа само тие што немаше каде да одат. Еден од нив бев и јас. Живеев на улицата Орце Николов. Во 1962 година се случи поплавата, а пролетта 1963 година Скопје го погоди слаб земјотрес од кој паднаа оџаците на многу куќи. Но, тој земјотрес бргу го заборавивме бидејќи поплавата предизвика поплавување на приземјата на објектите и зимата и пролетта сите беа ангажирани со сушење на душемињата и покуќнината што скапуваше од водата, така што многу не му придадовме важност на тој знак. Ден пред катастрофалниот земјотрес, ништо не наговестуваше дека ќе се случи најголемата трагедија на нашиот град.

Првиот знак кај мене се јави околу 4 часот наутро. Имено, во блиското соседство имаше едно врзано куче кое постојано лаеше, обидувајќи се дури да го искине синџирот со кој беше врзано. Тоа ми беше малку невообичаено, зошто дотогаш кучето никогаш не беше агресивно. Излегов во дворот да проверам што се случува, мислејќи дека можеби е некој крадец. Не забележав ништо чудно и се вратив дома во својот кревет.

По некое време, почнав да слушам некакво удирање од подот, проследено со силна бучава. Бидејќи живеев на приземје брзо истрчав надвор, но не можев да се движам бидејќи земјата се брануваше. Земјотрес!

Од нашиот ред куќите останаа целосни, но од спротива, бидејќи сè беа новоградби во приватна режија, во ист момент, по целата должина од раскрсницата со сегашниот булевар Свети Климент Охридски, до раскрсницата со Ленинова, куќите се урнаа како кула од карти. Она што беше приземје отиде во визбите. Тука доста кумуваше лошата и нестручна градба, како и импровизираните надградби. Таа страна на улицата Орце Николов сета беше во шут и прав.

Најгрозно нешто во тој момент беа пискотниците за помош што доаѓаа од сите страни. Откога се крена правот, не можевме да им поверуваме на очите. Веднаш почнавме со вадење на приклештените и затрупани луѓе, но не знаевме каде попрво да почнеме. Токму тогаш почувствував колку ни недостасуваат другарите, кои тогаш не беа во Скопје.

Се собравме околу пет шест души и почнавме да вадиме кај оние што мислевме дека најмногу им е потребна нашата помош. Навистина беа грозни сцените, кога мислејќи дека сме дошле до некој човек, во нашите раце остануваа откинати екстремитети од човечки тела. Се протнувавме меѓу плочите долу, обидувајќи се да допреме до оние што упорно ја бараа нашата помош.

Правот ни навлегуваше во носот, во устата, но тоа не нè запираше. Работевме со раце, механички, без да размислуваме дали некоја плоча може да нè приклешти, бидејќи тлото во Скопје уште долго по земјотресот не мируваше. Немаше ниту пречка ниту пак страв да не поколеба. Тогаш сфатив дека мораме сами меѓу себе да си пружиме помош. Тие што можевме да ги извадиме ги вадевме надвор и доколку беа живи, им пружавме помош, додека мртвите ги стававме настрана и ги покривавме. Во тој момент целото маало ечеше од пискотници.

После неполн час од ударот дојде војската од Куманово и ни се придружи во спасувањето. Со нив беше еден старешина Пере, не му го помнам презимето, кој буквално не знаеше да запре. Се протнуваше под плочите, копаше, ги вадеше циглите. Најлошо беше што можеше сè да се урне и нас да не затрупа. Но, во тие моменти, воопшто на тоа не мислевме. Кога дојде војската добивме некаква сигурност, некаква поткрепа дека не сме сами.

По неколку часови почнаа со камиони да доаѓаат доброволци од Прилеп, Тетово, Куманово и Велес. Проблем беше што и тие беа голораки, бевме без механизација. Дотогаш немавме видено булдожер. Прекината беше и струјата и водата. Војската со староседелците го понесе целиот товар на спасувањето. Така беше некаде до пладнето.

Кога се смрачи беше воведен полициски час и моравме да чекаме да се раздени за да продолжиме со спасувањето. Никој не можеше да спие бидејќи постојано се случуваа потреси. Веќе третиот ден војската почна подобро да се организира и да го оддалечува цивилното население од урнатините.

Граѓаните можеа да ги следат работите околу спасувањето, но директно не учествуваа. Тоа беше направено од безбедносни причини. На просторот каде што денес се наоѓа Градското Собрание се наоѓаше најголемото прифатилиште за оние што останаа без покрив над главата. Таму беа подигнати големи шатори со броеви, а целиот комплекс беше осветлен, имаше кујна и импровизирана пошта. Почнавме да добиваме млеко и леб ставени во големи кошови од секаде.

skopje-se-sekjava-na-herojot-koj-spasi-36-lugje-4


СРЕДБАТА СО ТИТО

Тито уште наредниот ден го посети Скопје со својата делегација, а средбата со него ми остави голем впечаток. Во време кога беше потребна исклучителна храброст да му се обратиш на таков великан, јас се осмелив да проговорам и му реков :

- Друже, дали може нешто да ве прашам? – изустив.

- Прашајте слободно друже! – ми одговори тој.

- Каде ќе живееме сега кога немаме град? – прашав низ солзи.

- Немојте да се грижите. Јас уште денеска кога ќе се вратам во Белград ќе отидам во градското собрание и ќе упатам апел за помош на Скопје, а утре ќе повикам да помогнат и сите други држави – ми одговори тој.

Животот во прифатилиштата под шатори почна да се одвива, колку-толку, нормално. Секоја средба меѓу луѓето започнуваше со прашувањето дали сите се живи, а потоа сè друго. По извесно време пристигна големна воена единица од СССР, носејќи со себе и огромна механизација. Русите започнаа со расчистувањето на урнатините кај поранешниот плоштад Слобода, вадејќи тула по тула од купиштата шут. Граѓаните не го разбираа нивниот метод на работа, сметајќи дека така се губи драгоцено време. Но, на овој начин, од под урнатините беа извлечени уште преживеани.

Исклучително силен впечаток на мене остави средбата со тогашниот претседател на КП на СССР Никита Хрушчов. Стоев во неврзан муабет со управникот на прифатилиштето во Градскиот парк. Одеднаш пред нас запре автомобил, без никаква најава, ниту пак, обезбедување и од него излезе Никита Хрушчов.

- Здравствујте товариши! Како сте?

Во првиот момент останавме стаписани пред лидерот на најголемата држава во светот, но брзо се соземавме и му одговоривме дека сме добри.Тој нè одмери, малку се насмевна и не повика да го придружуваме во неговата посета на прифатилиштето. Хрушчов уште еднаш дојде во Скопје, но подоцна беше сменет од својата функција.

По извесно време Скопје почнаа да го посетуваат и многу други светски делегации, новинари, патници-намерници. Градот полека почна да се претвора во огромно градилиште, каде од пепелот на урнатините почнаа да никнуваат нови објекти. Беа изградени цели населби со монтажни бараки, во кои скопјани почнаа да се сместуваат и повторно се врати животот онаму каде што природната стихија за миг го запре. Бројните работни акции само го забрзаа растот на нашиот главен град, а кобниот 26 јули 1963 година останува како датум паметник за сите генерации минати и идни.

Сега веќе живееме во едно модерно Скопје, град, во кој морам да бидам искрен, не го чувствувам духот на старото Скопје. Тоа исчезна, но како што секое време си носи нешто свое, така и денешново му вдахнува некој нов дух на овој град, на овие луѓе во него.

Времето никој не може да го запре, ја завршува својата приказна Лазар М. Дракул, херојот на денот во времето кога да се биде херој, требаше да се има вистинско срце... Градежен инжeнер по професија, човек кој во поплавите во 1962 година исто така помагал да се извлечат луѓе од визбите и поплавените подруми. Херој кој заслужува голема благодарност!


5 и 17

Своите сеќавања за земјотресот, Лазар ги сместил во романот „5 и 17″, првото и единствено прозно дело за кобниот земјотрес. Во него, на автентичен начин се опишуваат настаните и судбините чиј сведок бил, а главни ликови се една старица и дете. Оваа година, на 50-годишнината од земјотресот,  Дракул лично ќе им подари примероци од својот роман на сите странски амбасади, со цел да ја искаже својата благодарност кон странските држави за нивната несебична помош и солидарност за повторното градење на Скопје.

Би можело да ве интересира:

Вирален статус на Македонка против сите што шират предрасуди: „Вработена, а бара помош – како не ѝ е... „Не смее да пие кафе, не смее да има другарки, од каде пари за кафе, уште малку ...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Слаткар отворено за говорната маана: „На 2 години бев оставен сам во болница – кога ме зеле сум почн... „Едноствено уште како дете сум стравувал дека нема да можам да го кажам тоа што ...
Ќерката на Хелена Роза е вистинска убавица: Кјара сака фитнес и студира право Ќерката на Хелена Роза, Кјара Гоља (25), скоро една деценија ужива во животот на...
Миа Костова славеше Св. Никола - Тамара пееше за мерак на гостите, Тијана највесела од сите „Заради сите вас на масава, јас сум тоа што сум денес. Вие сте мојата сила засек...
Скопјанката Моника кажа „да“ на Саемот за венчавки: Саканиот ја запроси на ревија, додека носеше кре... „Иако долги години сме во врска, не помислив дека мојот сегашен вереник ќе собер...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg