Ивона Јо за родното Куманово: „Дворот на мојата куќа беше за терапија со другарките - сите проблеми ги решававме таму“
- Детали
- петок, 11 април 2025
„Родена сум во село Љубодраг од каде потенува мојот татко Слаѓан. Бргу по раѓањето се преселивме во Куманово, во куќа која со многу труд, мака и пот заедно ја изградија моите родители, а кои се денес таму со брат ми“. вели Ивона Јо во серијалот „За мојот роден град“ за CRNOBELO.com.
Пејачката Ивона Јо веќе три години живее во Скопје, но секој слободен момент го користи да биде во своето Куманово, градот каде што живее нејзиното семејство.
Таа ни раскажа за нејзиниот град, за местата кои ѝ се омилени, за случките од детството и тинејџерските денови кои ѝ враќаат многу убави спомени, а за кои вели, би дала сè за да се вратат пак.
Во продолжение местата кои и денес ѝ будат носталгија на Ивона и кои ѝ се најомилени во цело Куманово:
„Куманово град мој. Го сакам. Од таму сум, таму се моите корени. Не верував дека дур го пишувам ова ќе бидам толку емотивна.
Живеев во Куманово до пред три години, кога и се преселив во Скопје поради работни ангажмани и осамостојување.
Сакав да научам нови работи за себе, оставајќи си обврски кои претходно ги немав.
Родена сум во село Љубодраг од каде потенува мојот татко Слаѓан.
Многу бргу по раѓањето се преселивме во куќа која со многу труд, мака и пот заедно ја изградија моите родители.
Денес таму живеат тие со брат ми.
Посебно место во моето срце имаат сите живеалишта кои сум ги поминала се дур не се вселивме во моето местенце, во куќата која и сега ми е среќно место - и со душа ѝ се враќам секогаш.
Па кога ќе ме прашате кое ти е омилено место во Куманово велам едно од омилените места е мојата стара соба која сега веќе е на брат ми и уште сум малку лута за тоа (ха-ха) и секако пространиот двор во кој имам многу родендени прославено и многу убави моменти споделено.
Тоа ни беше терапија во средно. Сите проблеми со другарките ги решававме во мојот двор.
Посебно место има и собата моја, која во короната конечно ја направив да биде по мој вкус и таму ги поминав моите најголеми битки поради кои денес сум личност каква што сум.
Улицата над мојата куќа има посебно место исто така затоа што таму ги вежбав сите песни кои и ден денес ми будат емоција.
Спремавме приредби со девојчињата од маало, секогаш сакав да бидам главна и да ги водам низ приказната.
Гледавме „Ангели“ (Casi angeles) на тогашната А1, а јас бев Cielo Magici - глумицата која пееше играше и беше магична.
Имав единствена телефон од девојчињата и снимав преку сегашните voice memos песни од телевизија и ги пуштавме од кај мене. Ги препраќавме преку инфраред. Ах, какво време.
Трчавме да купиме ЦД верзии од сите изданија на сериите. Ах…
Посебно место во моето срце има и теретаната California во која многу време поминав и многу битки извојував.
Студиото Joy јога центар - кое и денес знам кога ќе дојдам во Куманово да му се вратам.
Таму поминав 1 година вежбајќи после операцијата на желудник. Таму осознав многу за себе - и ден денес работите научени таму си ги практикувам.
Улицата кај баба и дедо и санкањето со дедо. Скокањето сè дур имам снага.
Средното училиште „Наце Буѓони“ сите кафулиња околу школото и паркот.
Каква убава средно школа имав. Колкаво дружење беше тоа.
Ме викаа „Не-беги“ на почеток, зашто не сакав да бегам од часови… барем на почетокот. Потоа многу бегавме од часови. Но бевме четворка (така бевме познати) и сите учевме.
Наредниот час кога ќе нѐ станеа и ќе нѐ испрашаа немаше можност да ни стават помала оцена од 5. Бевме со намалено поведение, но со просек 5-00.
Најубавите моменти ми се таму.
Сѐ би дала за еден ден пак таму… Сѐ.
Повеќе фотографии од Ивона и Куманово на следната страница...
Би можело да ве интересира:





