Моќен статус на Македонка: „Да ти се плукнам во ваква пролет, кога наместо да расцутат цветовите, тие се пеплосаа - а ние со нив“
- Детали
- петок, 21 март 2025
„Немоќно стоиш и немо гледаш во фотографиите и имињата на оние кои животот си го дале за да спасат други животи. Ги гледаш сите млади, убави, полни со живот. И одново се рушиш. Животот ни се скрати на сите нам…“, пишува Марија Прличкова – Нешовска.
Марија Прличкова - Нешовска е девојка која сета своја болка по пожарот во Кочани ја преточува во пишан збор на Фејсбук.
А целата таа болка ја чувствуваме и ние - буквално секој еден од нас.
Вчера (20.03) започна пролетта, но во Македонија како да не започна.
Емотивната објава на Марија:
„Да ти се плукнам во ваквата пролет, кога наместо да расцутат цветовите, тие се пеплосаа, а ние заедно со нив.
За момент ќе заборавиш, а во другиот веќе сфаќаш што се случило. Дека нема назад. Дека нив ги нема назад. Дека ништо веќе нема да е исто. Дека тие не се враќаат веќе… и тогаш почнуваш да рикаш од болка.
Телото го чувствуваш уморно и истоштено, иако знаеш дека ништо физички не те изморило. Правиш сѐ што можеш да си одвлечеш внимание, но џабе, болката одвнатре те јаде, те глода.
Немоќно стоиш и немо гледаш во фотографиите и имињата на оние кои животот си го дале за да спасат други животи. Ги гледаш сите млади, убави, полни со живот. И одново се рушиш.
И таман мислиш, пресуши, немаш што да исплачеш, солзите самите се лизгаат по образите, се топат кутрите на усните…
Животот ни се скрати на сите нам…“
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





