Златко од Виница со силна порака 2 години по ампутација на нозете: „Животот ќе те удри кога не очекуваш, но ќе станеш!“
- Детали
- четврток, 13 март 2025
„Животот понекогаш знае да нè предизвика, да нè удри кога најмалку очекуваме. Но знаеш што? Ќе станеш. Ќе научиш. Ќе продолжиш. Јас знам како е. Затоа, не губете време!“ - напиша Златко во својата моќна порака и одбележа 2 години од страшната несреќа во која остана без нозе.
Златко Ѓорѓиев од Виница веќе 10 години живее во Фулинсдорф, Швајцарија со сопругата и двете деца.
Нивниот мирен семеен живот пред две години го прекина страшна несреќа која Златко ја доживеа на работното место, а по која лекарите мораа да му ги ампутираат двете нозе за да преживее.
Иако на почетокот му било многу тешко, Златко реши да биде силен, и со голема волја и мотив научи повторно да оди, сега со протези на нозете, но почна да игра и кошарка, сам да вози автомобил (кој е специјално прилагоден за него), а трчаше и 5-километарска трка во Швајцарија во есента 2024.
Денес (13.03) на двегодишнината од несреќата, Златко сподели фотографии и видеа од својот пат и нов живот и испрати силна порака:
„Две години… Со текот на времето сфатив едно - не е важно како изгледаш, што поседуваш или што другите мислат за тебе.
Важно е како се чувствуваш, како ги поминуваш деновите и со кого ги споделуваш моментите.
Не барам одговори, не барам многу - само среќа.
Бидејќи среќата е здравје, а здравјето е живот. А животот понекогаш знае да нè предизвика, да нè удри кога најмалку очекуваме и да ни покаже дека ништо не е загарантирано.
Но знаеш што? Ќе станеш. Ќе научиш. Ќе продолжиш. Јас знам како е.
Затоа, не губете време! Прегрнете ги вашите најблиски, кажете им колку ви значат, смејте се, сакајте, опкружете се со луѓе што ви носат мир“.
Погледнете го видеото:
Прочитајте и Златко од Виница по ампутација на нозете изоде 5km на маратон: „Ми требаше седумпати повеќе сила од нормалното“
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





