По ампутацијата на двете нозе, Златко од Виница повторно вози автомобил: „Командите се на воланот, одев на специјална обука“
- Детали
- среда, 03 јули 2024
„Земав часови за возење со рачни контроли за гас и сопирачка. Воопшто не ги користам нозете, контролирам сè со моите раце“, вели Златко Ѓорѓиев, кому лани му беа ампутирани двете нозе, а сега, освен што повторно оди и игра кошарка, почна и да вози.
Виничанецот Златко Ѓорѓиев (38), кој пред 9 години се пресели во Фулинсдорф, Швајцарија, го живее својот втор живот.
Во март 2023-та, тој доживеа страшна несреќа по која му беа ампутирани двете нозе, па во изминатите месеци повторно учеше да оди, а почна да игра и кошарка во количка со други параплегичари.
Но овој млад човек, со својата упорност и огромната поддршка од сопругата и децата, деновиве извојува уште една победа - повторно почна да вози, но сега автомобил кој е целосно приспособен на него.
Вели, како човек кој е со двојна ампутација на нозете, можноста да вози за него значи слобода, независност и надминување на ограничувањата.
„Тоа е доказ дека волјата за надминување на пречките е посилна од секој предизвик“, искрено кажува Златко, кој по несреќата верувал дека сè е загубено и дека животот за него завршува.
Но денес тој е доказ дека ако човек силно посакува нешто, тогаш и ќе стигне до тоа.
Во разговор за CRNOBELO.com, Златко ни раскажа за напредокот што го постигна во изминатата година, но и за сите детали поврзани со неговото возење денес и колкав предизвик било да седне зад воланот на автомобилот по една година:
Колку време по несреќата почна да возиш? Дали ти беше страв првиот пат кога влезе во автомобил?
За време на мојата рехабилитација во Беликон, барав информации за процесот на враќање зад воланот.
Разбирајќи дека ќе биде потребно време, го закажав мојот прв час точно една година по несреќата - на 9 март годинава првпат почнав со обука.
Не чувствував страв, само возбуда. Со нетрпение го очекував тој ден, знаејќи дека ќе означи значајна пресвртница во мојот живот.
Одеше ли на специјална обука или на часови? Колку време траеја? Дали потоа повторно мораше да полагаш и да добиеш дозвола?
Да, морав да земам часови за да возам автомобил приспособен со рачни контроли за гас и сопирачка. Откако завршив 10 лекции, полагав пред комисија.
Досега сè оди добро, а јас не наидов на никакви проблеми. Се надевам дека така ќе продолжи и во иднина.
Како изгледа возењето сега? Дали ги користиш нозете (и колку) или управуваш исклучиво со рацете?
Воопшто не ги користам нозете, контролирам сè целосно со моите раце.
Автомобилот е приспособен за тебе - колку време требаше за да се преправи за да може да го возиш?
Целиот процес се состои од неколку чекори. Откако се пријавив во инвалидското осигурување, направив целосен лекарски преглед и рефлексен тест на рацете.
Потоа следеше тест возење во Ortotek во Нотвил, каде што разговаравме за сите можни модификации.
Заедно се одлучивме за потребните адаптации за моите потреби: рачни контроли за гасот и сопирачката и инсталиран електричен кран во багажникот.
Потоа посетував автошкола и полагање.
Автомобил можете да купите од кој било салон, бидејќи тоа е стандардно купување. Но ка крај, сепак, прилагодувањето се врши во специјализирана овластена гаража.
Дали е вистина дека постојат ограничувања во однос на брзината со која смееш да се движиш со колата?
Немам ограничувања за возење и возам исто како и секој друг учесник во сообраќајот.
Како се чувствуваш сега во однос на самата рехабилитација и напредокот што го постигна за нешто повеќе од година?
Многу сум задоволен. Моите рутини за физиотерапија, кошарка и фитнес продолжуваат непроменети. Со мојата зголемена мобилност, сега чувствувам поголемо чувство на слобода.
Погледнете го видеото:
Прочитајте и „Никогаш нема да го заборавам денот кога вторпат проодев“: Златко од Виница по ампутацијата на нозете повторно е среќен и исполнет
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело