Центарот на Скопје – кучешки измет на секој чекор и непостоечки тротоари!
- Детали
- четврток, 06 февруари 2025
Колкава е веројатноста да НЕ згазнеш на кучешки измет во центарот на Скопје? Секое утро поминувам само 300 метри од дома до училиштето и градинката со моите деца. Утрово 22 пати ќе згазневме на кучешки измет!
Како изгледа нашиот пат? Од прилика вака: „Пази!“, „Пази кака“, „Пази!“, „Скокни!“, „Пази ќе се улепиш“, „Леле мама цел ден ќе ти смрдат чизмите во училиште!“, „Кај ќе ги чистиме сега патикиве на ладново?“ – нешто како да одиме по минско поле, а не по тротоар (кој и онака е непостоечки од паркирани автомобили), а и онаму кај што го има - нема простор каде да згазнеш од кучешки измет!
Одбегнуваме, скокаме, летаме – затоа што некои сопственици на кучиња одбиваат да ја преземат најосновната одговорност: да го соберат изметот на своите миленици.
Понекогаш посакувам да го имам она копчето од „Супер Марио“ за забрзување и долг и висок скок.
Ем да прелеташ преку сите автомобили паркирани по тротоарите (ама ова е уште една тема за која ќе напишам наскоро, поткрепена со фотографии), ем некако да ги избегнеш и сите „нагазни мини“ од милениците.
Центарот на Скопје, со своите улици, паркови и тротоари, е претворен во валкана, несоодветна средина за пешачење.
Културата на неказнивост и игнорантност резултира со тоа граѓаните, особено децата, секојдневно да се соочуваат со нехигиенски услови.
Зошто е толку тешко да се носи кесичка и да се подигне изметот?
Дали овие сопственици на миленици мислат дека ова е нечија друга работа? Ако сакате куче, имате и обврска да се грижите за неговите потреби, а тоа вклучува и чистење по него!
Градските власти треба да преземат мерки – повеќе казни, повеќе контроли и повеќе канти за отпадоци. Но, најважно од сè, свеста на граѓаните мора да се промени. Скопје не заслужува да биде ваков гнасен град!
Ако се препознавте – време е да направите промена. Исчистете го изметот на вашите миленици и почитувајте го јавниот простор.
Се извинувам за гадните фотографии, но ова е нашето секојдневие, за жал.
Е. П. | Црнобело