Каде е и што прави денес Бети Јовановска - девојката од „Идол“ со моќен глас?
- Детали
- недела, 19 јануари 2025
„Се дружев со сите учесници во шоуто, со луѓе од организацијата, камермани, водители, режисери. Ме викаа „секретарката на Идол“ затоа што имав броеви од сите и често организирав собиранки“, вели за CRNOBELO.com Елизабета Јовановска, или поедноставно Бети од Идол.
Можеби сте ја слушале како пее во некоја дискотека или клуб во земјава, или на радио сте ја чуле нејзината последна песна „Сама“, но на прва да не можете да се сетите од каде ви е познат нејзиниот моќен глас.
Ако гласот го поврзете со ликот и нејзината впечатлива насмевка, тогаш сигурно ќе ви текне на Бети од „Идол“.
Иако можеби не ја доживеа популарноста на некои од останатите учесници, таа и денес активно се занимава со музика.
Неодамна сними нова песна и спот, постојано има свирки со својот бенд, а се надева дека наскоро ќе ги комплетира и песните за својот прв албум.
За СRNOBELO.com, Бети раскажа за шоуто кое ѝ ги отвори вратите во музиката, а ни откри и каде е и што прави денес:
„Имав 22 години во времето кога настапував во ‘Идол’.
Искрено, се дружев со сите учесници, со луѓе од организацијата, камермани, водители, режисери.
Ме викаа „секретарката на Идол“ затоа што имав броеви од сите и често организирав собиранки.
Денес, после 14-15 години (шоуто беше 2010/2011) најмногу се дружам со Виктор Апостоловски, а контактирам и со Билјана Гошева, Јана Бурче, Денис Мурат, Јулијана, Кико...
За жал, после толку години, патиштата ни се раздвоија, па потешко е за дружби.
Јас и денес се занимавам со музика. Никогаш не ни престанав.
Имав една пауза од година и пол кога не настапував, а ја направив за да одморам и да соберам сила зашто после толку години свирки и настапи, некако се презаситив.
Низ годините настапував буквално низ цела Македонија, можам слободно да кажам во сите градови и села кај нас, и ептен сум среќна што имав можност за тоа.
Последните години сум сконцентрирана само на настапите во Скопје и скопските локали и дискотеки, а пеам заедно со дечките од бендот Мarshall & Tito band.
Веќе три години сум вработена во наша IT компанија каде што ги користам јазиците што ги изучував.
Навистина сум пресреќна и задоволна што имам прекрасни колеги и искрени пријатели од кои имам навистина огромна поддршка и на работа и во однос на музиката.
Искрено, подолго време паузирав со издавање авторска музика најмногу поради приватни обврски, работа, свирки и едноставно немав многу време за да се посветам на тоа.
Но, неодамна ја издадов песната „Сама“ и се вратив на сцената со своја песна.
Што се однесува до кариерата, можеби очекував досега да имам повеќе песни и спотови, но никогаш не е доцна и за тоа.
Би сакала да направам уште неколку нови песни и со претходните 4 да се комплетира албум, а потоа да направам и негова промоција.
Што се однесува до идните планови, првенствено сакам да сум жива и здрава и Господ да ми даде сила за сите предизвици што следуваат.
А, да - и да патувам повеќе од досега“.
Погледнете видео од еден од настапите на Бети во „Идол“:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело