Бојан од Скопје со македонско знаме на грб пешачи 3.000km во Нов Зеланд: „Преспивам во шатори, поминувам 35km дневно“
Мојот план е ако сум здрав и жив да ја поминам целата патека, освен ако нема некој несакан настан. Отприлика е потребно околу 100-тина дена, сè зависи од тебе дали си одлучил да уживаш и седиш подолго време на некои места или секој ден би пешачел подолги километри.
Јас тргнав на 22 декември, досега сум задоволен. Очекувањата се различни уште од првиот ден, работите не излегуваат според планот, бидејќи како што кажав се припремам последен момент и не планирам - од работи што би биле моја вина (плускавци на нозете и изгореници од сонцето), до работи што не би можеле да ги промениме како временските услови.
Дневно досега поминувам од 20 до 50 километри, највеќе ми зависи од камповите. Моментален просек ми е 36km на ден, чекори според телефонот во последната недела се движат од 41.000 до 86.000 чекори на ден.
Паузи немам предвидено, некој пат кога треба да застанам да извадам нешто од ранецот, кога е многу топло или кога осеќам умор. И зависно уште колку имам да стигнам до наредниот камп или некое сместување.
Кога има населени места купувам нешто што не би можел да го зготвам или направам по пат. Бидејќи некој пат има 3 дена до следно надополнување. А во ранецот носам храна што може да стои тие 2 до 3 дена, како конзерви (туна), суво овошје, овошје, јаткасти плодови, чоколади, мед, суво месо итн.
Досега преноќувањето ми е во шатор и не ми се случила некоја непријатна ситуација. Освен позитивни работи од дел од луѓето кои те гледаат на пат или кај што пешачиш, те покануваат на пијалак или застануваат да ти дадат.
Ми се случило во неколку ситуации, дури да ме поканат на ручек во нивното место.
По патеката има различни области со секаков терен, започнавме со земјени патеки околу брегот, се најдовме на најдолгата плажа во Нов Зеланд која е долга 88 километри, а има и планински места каде има многу кал...
Овие работи се очекувани и треба да сум подготвен, но секојпат учиме од кога ќе почнеме со пешачењето бидејќи првпат пешачам ваква долга патека.
Досега немам пешачено патека која била подолга од еден ден. Немав некои конкретни подготовки, да речеме секојдневно сум активен (во нормални граница, не претерано), посетувам теретана, велосипедизам, трчам.
Важен момент е психичката подготовка, но сè зависи од тоа што сакаш да постигнеш.
Доколку сакате и вие да ни раскажете интересна приказна или познавате и вие некоја личност што сметате дека е инспиративна, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело