Исповед на наша модна блогерка: „Се срамев од моите раздвоени предни заби уште како малечка“
- Детали
- петок, 20 декември 2024
„Многу ретко се смеам на фотографии. Уште како малечка, многу се срамев од мојата дијастема (раздвоени предни заби) и се смеев покривајќи си ја устата со раката...“, ја започнува својата исповед Емилија Вучиновска од Скопје.
фото: Е Таа Сум
Емилија Вучиновска од Скопје на Инстаграм е позната како „Miss Urban Vibe“ и постојано споделува нејзини стајлинзи како модна инспирација.
Но, покрај модниот аспект и советите на таа тема, во една пригода таа искрено откри зошто ретко се смее на фотографиите.
Нејзината порака за тоа како ја засакала својата дијастема (раздвоени предни заби) можеби ќе му помогне и на некој друг.
Исповедта на Емилија гласи:
„Многу ретко се смеам на фотографии и да ме прашате зошто, искрено нема да го знам вистинскиот одговор на прашањето.
Ама уште како малечка, многу се срамев од мојата дијастема (читај раздвоени предни заби) и се смеев покривајќи си ја устата со раката.
Оваа практика траеше навистина долго, сè додека во една пригода пред 15 години, не сретнав една пријателка, стоматолог која седеше со нејзина колешка од Хрватска.
Да ја скратам приказната, жената, во поодминати години, толку се воодушеви од мојата состојба на забите, што неколку пати ми се извини што зјапа во насмевката и додаде дека во светот многу се ретки луѓе со дијастема и дека треба да сум почестена што сум една од нив.
Од оваа случка наваму, полека се „отстрамував“ и научив да се сакам и прифатам онаква каква што сум, со целиот природен шмек на лицето и телото.
Ете и ретко споделувам вакви приказни, ама оваа ми значеше да ја споделам“.
С. С. | Црнобело