„Бев на забавата по повод 17-тиот роденден на Бекстејџ - Скопје пулсираше од убава енергија“
- Детали
- четврток, 17 октомври 2024
На Скопје му беше потребен настан од овој тип! Со црвен тепих, тематска забава, костими, елеганција, но и многу, многу музика и награди. Атмосферата на 17-тиот роденден на Бекстејџ, која ги собра македонските ѕвезди на едно место...
Вчеравечер (16.10) Скопје пулсираше во духот на светските метрополи.
Нашиот естраден магазин „Бекстејџ“ го прослави 17-тиот роденден и на едно место ја собра цела естрада, сите соработници и пријатели.
Настанот започна на уникатен начин со црвен тепих на Мостот на цивилизацијата, каде со почеток од 19:30 часот гостите ги пречекуваа девојки и момци од Струмичкиот карневал облечени во костими на тема циркус, токму така како што гласеше и темата на самиот настан.
И, мора да кажам, на Скопје му се потребни токму настани од овој тип.
Настани на кои има убава енергија, настани кои ни враќаат спомени од едно убаво време на нашата музичка естрада, кога ни пееше Тоше Проески, чиј спомен Весна Петрушевска со зборови полни љубов ни го врати во најживи бои.
фото: Инстаграм Тара Ристиќ
Потоа, Јован Јованов, кој ни отпеа песна од неговата некогашна група „Магија“ и кој лично мене ме врати во тинејџерските денови.
Самото отворање на настанот со песна беше во рацете на Влатко Лозаноски. Момчето со златен глас и дефинитивно еден од нашите најмоќни вокали уште еднаш покажа какво музичко богатство во моментов има Македонија.
Истото го направи и Ивона Јо, девојката од која се ежите кога пее и ги чувствувате сите емоции на светов наеднаш.
На сцената го видовме и Марко Маринковиќ Слаткар, кој зема награда за „најдобра турнеја“.
А, пак, кога ДНК и Наум Петрески ја отпеаја „Животе Брате“ сцената буквално грмеше, а Наум уште еднаш покажа дека добриот глас надалеку се слуша и целиот кеј на Вардар го обои со својот интензитет. Тие за оваа песна ја добија наградата „хит на годината“.
На сцената ги видовме и Светлана и Мики Црнокрак, имиња кои по автоматизам се поврзани со модните случувања во нашата земја, потоа Кристина Димитри во улога на водителка, Иван Јованов со неговиот Либеро бенд, кој беше задолжен за забавата по завршување на доделувањето на наградите.