ДНК за Леонид: Втора година по ред ја ставаат статуетката од Златна Бубамара на лицитација
- Детали
- петок, 23 февруари 2024
Исто како и минатата година, така и годинава музичкото дуо ДНК ја стави на лицитација наградата што ја добија на синоќешната манифестација „Златна Бубамара“. Овој пат средствата ќе бидат наменети за лекувањето на младиот Леонид Индов.
Во изминативе денови, цела Македонија се крена на нозе со цел да обезбеди средства за лекување на младиот Леонид Индов, а кон хуманитарната акција се приклучи и дуото ДНК.
Владимир Блажев, попознат како Панчо, и Андреј на Фејсбук објавија фотка од статуетката што ја добија за „Песна на годината“ заедно со Врчак и рекоа дека и оваа година, слично како и минатата, одлучиле да направат хуман гест.
„Како и минатата година, така и оваа добиена награда на Златна Бубамара решивме да ја ставиме на лицитација.
Овој пат средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за лекувањето на Леонид Индов кој заедно со неговата фамилија ја води најтешката битка во животот.
За жал, државата по милионити пат нема слух за вакви ситуации, но затоа ДНК заедно со народот сме секогаш тука да помогнеме колку што можеме и дозволуваат нашите можности.
Почетната цена на статуетката е 6.000 денари, но искрено се надеваме дека сумата ќе достигне многу повеќе“, пишува на објавата.
Панчо ги повика сите големи фирми, корпорации и хумани луѓе да се приклучат кон лицитацијата, а сопственик на „бубамарата“ ќе биде оној кој последен ќе ја даде највисоката сума.
Лицитацијата ќе се затвори во понеделник (26.02) и тогаш ќе биде соопштен новиот сопственик на наградата.
Инаку, минатата година ДНК ја добија наградата за најпопуларна група, а статуетката беше ставена на лицитација и достигна сума од 31.000 денари.
Парите беа наменети за хуманитарната организација „Марко Божиновски“.
Б. С. Б. | Црнобело