Лина од Скопје за запросувањето во Хрватска: „Се вљубивме на прв поглед“
- Детали
- среда, 21 февруари 2024
„Само што се погледнавме, сфативме дека сме еден за друг. И така се случи љубов на прв поглед, која се претвори во врска и во брак“ – открива за CRNOBELO.com Лина од Скопје, која во Хрватска заминала на сезонска работа, но одлучила да остане таму откако ја нашла својата втора половина.
Скопјанката Лина Палазова за читателите на CRNOBELO.com сподели фотографии од магичното запросување што ѝ го приредил нејзиниот свршеник Пауло на видиковец на хрватскиот остров Раб, од каде се гледа целиот остров и прекрасното сино Јадранско Море.
Таа раскажува дека нивната љубов започнала сосема случајно. Дипломирала на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а како голем број други млади Македонци, во мај минатата година заминала на сезонска работа во Хрватска.
Додека работела во ресторан на островот Раб, Лина воопшто не очекувала дека срцето ќе ѝ го освои Хрватот Пауло кој живее на островот.
„Само што се погледнавме, сфативме дека сме еден за друг. И така се случи љубов на прв поглед, која се претвори во врска и во брак“ – раскажува Лина.
Оваа скопјанка одлучила да остане на островот што за неа е рајот и мирот на земјата.
„Доколку си поставувате прашање: ‘Дали на 22 години беше подготвена да си ги оставиш родителите, домот, пријателите?’, ќе ви кажам:
‘Да, беше тешко, но кога одиш по патеката каде што ја гледаш иднината со својата љубов, тогаш нема зошто да ти биде тешко’.
Моите родители се мојата најголема поддршка, каде и да сум“ – вели таа.
Инаку, таа открива дека со Пауло веќе подолго живеат заедно и планирале свадба во Хрватска, а тој се одлучил да ја запроси на необичен начин и ја однел на видиковецот од каде се гледа целиот остров и прекрасното сино море.
„Јас сум пресреќна затоа што си ја пронајдов другата половина и што имам човек до мене што е подготвен на сè заедно со мене“ – вели Лина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело