Денес се слави Свети Климент Охридски – Бил рамен на апостолите, го описменувал народот

Именден слават Климент, Климе, Климентина... Кој бил големиот македонски светец, кој се смета за заштитник на Македонија и Охрид?

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-01.jpg

Македонија денес (8.12) го слави Свети Климент Охридски, светецот кој се почитува како заштитник на Македонија, Охрид и Македонската Православна Црква, па во негова чест и соборниот храм во Скопје го носи токму неговото име.

За Свети Климент Охридски се знае дека бил ученик на светите учители Кирил и Методиј, кој по нивната смрт го продолжил нивното дејствие и ја основал Охридската книжевна школа која е позната и како „Прв словенски универзитет“ од кој излегле 3.500 ученици, па затоа се смета и за покровител на образованието и јазикот.

Климент дејствувал во времето кога сѐ уште постоел голем отпор кон христијанството како религија на овие простори и затоа се верува дека е рамен на апостолите, затоа што слично како христовите апостоли го ширел христијанството и религијата меѓу словенските народи, и тоа на јазик што им е познат.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-02.jpg

Се верува дека Климент директно соработувал со Кирил и Методиј во пишувањето на „глаголицата“, а учествувал и во Моравската и Хазарската мисија на светите браќа, ги преведувал светите книги и напишал голем број свои книжевни дела.

Се верува дека по смртта на Константин (Кирил), Климент останал да работи заедно со Методиј и тие заедно 15 години поминале во Панонија и Велика Моравија.

Според некои извори, токму тука Свети Климент го запишал „Опширното житие на Св. Кирил“, или му помагал на Методиј при пишувањето на текстот.

По смртта на Методиј, Свети Климент и Горазд требало да го продолжат дејствието во Моравија, но со доаѓањето на папата Стефан V, словенската писменост била забранета во Велика Моравија, а учениците на словенските учители биле протерани.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-03.jpg

По враќањето назад, Климент од страна на бугарскиот цар Борис бил испратен да стане учител во областа Кутмичевица која се наоѓала помеѓу западните граници на Охридското и Преспанското Езеро, каде ја основал Охридската книжевна школа.

Во период од седум години, Климент поминал дел од своето време проповедајќи го евангелието помеѓу населението.

Тој посветил уште еден дел од своето време на поучување на глаголицата, а неговите поталентирани студенти биле избрани за подетално теолошко усовршување и поклонување на свештенството.

Во времето на владеењето на Симеон Велики, Климент бил назначен за епископ на Дрембица или Велика, но продолжил да одржува контакт со манастирот што го основал во Охрид и се повлекувал таму за одмор и за молитва.

Климент починал на речиси 80-годишна возраст на 27-ми јули во Охрид и бил закопан во гробот што сам си го подготвил во манастирот „Свети Пантелејмон“.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-04.jpg

На почетокот неговото успение се славело на 27-ми јули, а потоа било одлучено да се слави на денот на неговиот именден, односно на Свети Климент Римски на 8-ми декември.

По неговата смрт, народот веднаш почнал да го слави, па така за неговото име се врзуваат голем број легенди и преданија.

Се верува и дека освен што ги описменувал Словените, Климент исто така ги оплеменил овошните дрвја, па затоа денес во Охрид и охридско има дрвја какви што не можат да се најдат никаде на друго место.

Многумина раскажувале дека тој имал моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки.

Преданијата раскажуваат дека секојпат кога на Охрид му се заканувала некоја несреќа, се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување и народот од страдање.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Денес е „Свети Кирил и Методиј“ – Среќен именден Кирил, Кире, Методија, Менде... На 24-ти мај православните христијани го слават празникот Свети Кирил и Методиј....
Дарио на кафе со ќерката, синот на Павле Камилоски во носија на Галичка свадба: Што прават македонск... Пејачката Лина Пејовска доби награда „Kraljevski Oskar за најпопуларна пејачка о...
Само се шегувал со фановите: Ламбе останува во Македонија „Дедо Мраз ме врати назад во Македонија. Ве поздравувам. Македонија е мојата све...
Македонија втора година по ред нема да учествува на Евросонг, објавена листата за Малме 2024 Последниот настап на Евровизија за Македонија беше во 2022, кога земјава ја прет...
Објава на Македонка ги подели мислењата: „Охриѓани мавате со дрва и камења по скопјани, а со скапоти... Темата за односот на охриѓани и скопјани е несицрпна инспирација за коментари го...
Денес е летен Свети Никола – Обичаи и верувања поврзани со овој празник Во минатото, на денешен ден рибарите не влегувале во езерата, а се верувало дека...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg