Несекојдневно запросување во Охрид: Мотоциклисти направија срце среде плоштад и Оливер ја запроси саканата Мерлинда
- Детали
- четврток, 19 октомври 2023
„Неговите очи беа исполнети со љубов и исчекување. Со растреперени раце и срце полно со емоции ме замоли да му бидам доживотна партнерка. Запросувањето со мотоциклите беше доказ за убавината на љубовта и за авантурите кои ни претстојат како пар“ – вели во изјава за CRNOBELO.com, Мерлинда, девојката чијшто свршеник ѝ приреди незаборавно запросување на плоштадот во Охрид.
На 11-ти Октомври 2023-та Оливер од Охрид ѝ приреди несекојдневно запросување на саканата Мерлинда. Клекна на едно колено, извади свршенички прстен, а на себе носеше маичка со натпис: „Marry Me“, додека неговите пријатели мотоциклисти обликуваа срце со мотоциклите околу нив.
Во изјава за CRNOBELO.com, Мерлинда открива повеќе детали за нив, но и за самиот чин на запросување, за којшто вели дека засекогаш ќе остане врежан во нејзината меморија.
Мерлинда (24) е архитект од Ресен и Оливер (23) е техничар за SMT технологија и мотосервисер од Охрид. Тие двајцата се страствени љубители на мотоцикли, а возбудата на отворениот пат секогаш ги зближува.
„Запросувањето се случи на 11 Октомври, беше едно огромно изненадување, беше момент кој ќе го паметам вечно, не само заради уникатниот амбиент, туку и поради љубовта и трудот што Оливер го вложи за да го направи незаборавен самиот чин“ – вели Мерлинда.
Како што раскажува, целиот настан таа воопшто не го очекувала, а очигледно е дека Оливер добро се подготвил затоа што во чинот му помогнале неговите другари мотоциклисти кои со мотоциклите формираа срце на плоштадот околу нив, а настанот бил овековечен од професионален фотограф и два дрона.
„Моментот кога партнерот клекна на едно колено ќе остане во мојата меморија како еден од најсреќните моменти во мојот живот, тој извади кутија со прстен и ја покажа маичката со натпис Will You Marry Me. Неговите очи беа исполнети со љубов и исчекување.
Со растреперени раце и срце полно со емоции ме замоли да му бидам доживотна партнерка. Не можев да ги задржам солзите радосници кога реков: „Да“.
Запросувањето со мотоциклите беше доказ за убавината на љубовта и за авантурите кои ни претстојат како пар“ – вели таа.
Инаку, Мерлинда открива дека нејзиниот свршеник идејата за ваков вид на запросување ја добил од тоа што е авантурист и секако љубовта спрема мотоциклите како најголема инспирација.
„Мотоциклот, кој беше средство за овој незаборавен чин, стана симбол на нашето заедничко патување - патување исполнето со авантура, љубов и ветување за заедничка иднина“ – вели таа.
Погледнете го видеото од запросувањето: