Македонка инспирира: По операцијата на мозокот поради која повторно учеше да оди - учествуваше на Скопскиот маратон
- Детали
- понеделник, 02 октомври 2023
„Гордост наша“, „Жена планина“, „Ангела инспирација си“, „Јунак жена си“, „Браво, следниот маратон ќе е со многу поголем успех“, пишува во коментарите кои ги доби Ангела Здравковска, откако ја помина целта на Скопскиот маратон, 4 години по тешката операција на мозокот.
Пејачката Ангела Здравковска, која по професија е магистер по право на интелектуална сопственост, првпат учествуваше на Скопскиот маратон, 4 години откако имаше тешка операција на мозокот, поради која мораше повторно да учи да оди.
Ангела, која на Инстаграм е позната како kalesh.angja, објави видео како се движи кон целта и ја поминува, додека публиката ѝ аплаудира.
„Мојот прв Скопски маратон. Буквално трчав при крајот. Фала за сите кои стоеја покрај патеката за трчање, кои нè поддржувавте и аплаудиравте. И вие што нè чекавте на крај.
Важно е кој те чека на целта! Следна година ќе биде подобро.
Мојот тајмер покажа 12 минути подобро време од Битола. Чекам официјални резултати“, напиша таа.
Брзо потоа Ангела откри дека навистина го подобрила своето време за 12 минути и дека е презадоволна.
„Гордост наша“, „Браво девојче“, „Да редиш и други маратони“, „Ангела инспирација си“, „Јунак жена си“, „Браво, следниот маратон ќе е со многу поголем успех“, „Жена планина“ се дел од коментарите кои ѝ го оставија пријателите.
Ангела ја почна кариерата со учеството во шоуто „Мак ѕвезди“.
На Ангела пред 4 години ѝ е дијагностициран апсцес на мозокот, кој морал да се отстрани со операција. По ова, Ангела поминала процес на рехабилитација во кој повторно учела како да оди.
Скоро 2 години подоцна, таа почнала да се движи самостојно, а денес се чувствува одлично.
Апсцес на мозокот е вид на инфекција на мозокот, најчесто предизвикана од бактерија, при што се акумулираат гној и мртви клетки помеѓу черепот и сивата маса.
Тоа е сериозна медицинска состојба, опасна по живот, иако е ретка. Иако дијагнозата на оваа инфекција е комплицирана, особено во раните фази, новите методи за снимање на мозокот (магнетна резонанца, компјутерска томографија и слично) значително го олеснија точното и рано идентификување на мозочните апсцеси.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело