Славчо Попоски, метеоролог: „Уште една многу топла недела, викендов можни врнежи од дожд“
- Детали
- понеделник, 19 февруари 2024
„Уште една натпросечно топла седмица пред нас, со невообичаено високи температури на воздухот за февруари. Сепак, за време на следниот викенд, длабок циклон со центар над северозападна Европа ќе услови промена на времето кај нас“, открива метеорологот Славчо Попоски.
Релативно топлото време ќе остане и неделава, единствено можно е да се соочиме со ветар и многу слаб локален дожд.
И покрај тоа што е зима, врнежи од снег се можни единствено на повисоките места.
Во продолжение, прогнозата за оваа недела на Славчо Попоски:
„И во текот на оваа недела продолжува натпросечното топло време во Македонија, но и пошироко во регионот. Меѓутоа, повремено ќе има нешто повеќе облачност, а повремено ќе има услови и за сосема слаб локален дожд, особено утре.
Ветерот ќе биде сосема слаб и од променлив правец, но отсега гледано, за време на следниот викенд ќе започне да засилува ветерот од јужен правец.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време како и во останатите места од Македонија.
Што се однесува до температурите на воздухот, тие наутро на повеќе места ќе се спуштаат до или за некој степен под нулата. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 7 и 14 степени, додека кон крајот на работната недела и за време на следниот викенд, тие во најтоплите централни и југоисточни предели ќе надминуваат 15 степени.
Снегот сè уште го оставаме на чекање.
Уште една натпросечно топла седмица пред нас, со невообичаено високи температури на воздухот за февруари месец. Сепак, за време на следниот викенд, длабок циклон со центар над северозападна Европа ќе услови промена на времето кај нас и најверојатно ќе има врнежи претежно од дожд, а снег само на високите планини.
Исто така, следниот викенд ќе бидеме под влијание на ново јужно воздушно струење, со што ќе дува и засилен ветер од јужен правец“.
Спирова С. | Црнобело
фото: freepik.com