Емотивна исповед на Марија Шерифовиќ за разводот на нејзините родители, нападите од татко ѝ и во какви односи се денес
- Детали
- петок, 03 февруари 2023
„Марија е алчна девојка на која само парите ѝ се во глава, призна дека е лезбијка само за да земе пари“ – со овие зборови таткото ја оцрнуваше Марија Шерифовиќ во српските медиуми, а таа сега за првпат ја отвори душата и рече: „Му простувам за сѐ“.
Ретко зборува за својот приватен живот, но српската пејачка Марија Шерифовиќ овојпат одлучи целосно да ја соголи душата и да открие какви се нејзините чувства за конфликтот меѓу нејзините родители.
Српската јавност е добро запознаена дека Марија е ќерка на српскиот хармоникаш Рајко Шерифовиќ и дека тој и неговата сопруга Верица не се во добри односи, а со години имале судски спор околу имотот во Крагуевац.
фото: Youtube - принтскрин
Во еден период Рајко не бираше зборови со кои ја оцрнуваше својата ќерка и поранешната сопруга...
„Марија е мошне алчна девојка, неа ја интересираат само пари и ништо друго. Не ми пречи што се определи да биде лезбијка, тоа е нејзин проблем, така е родена, но ми пречи тоа што само парите ѝ се во глава и што сака да земе што е можно повеќе за себе.
Па, и таа исповед што ја правеше за себе, мотивот ѝ беше само да земе пари. Се соголи себеси и се фрли на дното, призна дека е лезбијка само за да земе пари“ – рече тогаш Рајко.
Но, потоа излезе со изјава во медиумите и призна дека Марија денес му го плаќа станот, му дава пари и му помага да преживее.
Марија ретко зборува за својот однос со родителите, но овојпат гостувајќи во една емисија откри како го доживеала разводот на нејзините родители и што е она што ѝ помогнало да го преброди тешкиот период.
Според Марија кога постојат недоразбирања во бракот и во заедницата, најдобро решение е разделбата или разводот, особено ако имате дете.
„Можеби не е лесно за егото, за суетата и за разноразните лудости што сите ги имаме во главата, но за детето тоа е најздраво“ – рече таа.
Познатата српска пејачка откри дека од свои 16 години посетува психолог, со кого разговара и денес и дека таа е личноста што најдобро ја познава.
„Таа во голем дел ми помогна со леснотија прво да се разберам себе, да не се осудувам, да прифатам, простам и да сфатам дека бев дел од некои ситуации на кои тогаш апсолутно не сум можела да влијаам“ – рече таа.