„Не им се доближувајте“ – Во Хрватска издадено предупредување откако девојка пливаше со делфин
- Детали
- понеделник, 05 август 2024
„Без ризик нема забава. На почетокот малку ни беше страв, затоа што се уплашивме дека е некој вид на ајкула“ - вели девојката која објави видео како плива со делфин на Крк во Хрватска. Набрзо потоа, беше објавено предупредување од престижен поморски институт.
Пред само неколку дена една девојка сподели видео за хрватските медиуми во кое покажа како плива со делфин на хрватскиот остров Крк, а набрзо потоа и престижен институт во земјата излезе со соопштение.
Хрватскиот портал 24.sata.hr минатата недела го објави видеото добиено од читателка на кое се гледа како таа плива со делфин во близина на островот Крк.
„Ова не може да им се случи на сите, ниту пак се случува секој ден. Ваква можност имаат само некои посебни луѓе, а ние денес бевме тука.
Реално, чувството е неописливо и некои луѓе тоа не можат да го доживеат во својот живот.
Ни се пружа можност, каква што се добива еднаш во животот.
Без ризик нема забава. На почетокот малку ни беше страв, затоа што се уплашивме дека е некој вид на ајкула.
Но, пливаше околу нашиот брод, половина час, па ризикувавме“ – појаснила девојката за медиумот.
@24sata ‘Riskirali smo jer se to događa samo jednom’ 😍#24sata #dupin #krk #hrvatska #viral
-->-->♬ original sound - 24sata
Но, иако многумина коментираат дека ѝ завидуваат на оваа „среќничка“ и веднаш почнаа да ја прашуваат каде точно на Крк е снимено видеото, властите и стручните служби во земјата не се согласуваат со нив.
Институтот Blue World излезе со официјално соопштение на својата Фејсбук страница, каде појасни зошто е најдобро луѓето да се воздржуваат од блиски средби и контакти со делфините, ако случајно им се доближат во нивното природно опкружување.
„Внимание до сите пливачи!
Во Јадранското Море, во близина на Крк, забележан е обичен краткоклунест делфин, кој се однесува необично – се задржува на бреговите и пристаништата и им дозволува на луѓето да му пријдат.
Оваа единка ја следиме веќе 2 години и таа е во добра општа состојба. Не покажува надворешни знаци на болести, нормално плива и не гладува.
Но, оваа одредена единка е осамен (солитарен) делфин кој е одвоен од остатокот на неговиот вид, заради непознати причини.
Мораме да бидеме свесни дека интензивната интеракција со луѓето, неминовно претставува ризик, како за делфинот, така и за човекот.
Делфините може да ни пренесат голем број сериозни болести, како што се туберкулоза и лептоспироза.
Подеднакво и луѓето за време на блиските контакти може на популацијата на делфините да им пренесат болести што може да предизвикаат угинување на голем број животни.
Затоа, пливањето со нив, а особено допирањето, би требало целосно да се избегнува.
Делфините се строго заштитени животни и забрането е нивно вознемирување (обид за хранење, пливање, допирање или прогонување)“ – се вели во соопштението.
Оттаму препорачуваат дека е најдобро делфините да се набљудуваат од далечина, да не им се приближувате со брод или со пливање и во никој случај да не се обидувате да ги храните.
Б. С. Б. | Црнобело