И бившата ја изневерил со иста жена, го фатија на ТВ во живо – Скандал на ЕП со сопругот на хрватската спортистка Бланка Влашиќ
- Детали
- среда, 26 јуни 2024
Пред да стапи тајно во брак со хрватската атлетичарка Бланка Влашиќ, бил тазе разведен од сопругата за која се верува дека ја изневерувал. Што знаеме за бурната љубовна приказна на хрватската спортистка која преку пренос во живо дозна дека сопругот ја изневерува?
Целиот свет деновиве имаше можност да го проследи скандалот со хрватската атлетичарка Бланка Влашиќ, која преку програма во живо дозна дека сопругот ја изневерува, а во хрватските и регионалните медиуми не стивнуваат написите за нив и нивната љубовна приказна.
Хрватската атлетичарка Бланка Влашиќ минатите денови се најде среде скандал, кога на социјалните мрежи масовно се прошири видео снимката на која се гледа дека нејзиниот сопруг, белгискиот спортски новинар Рубен ван Гухт не е сам во хотелската соба.
Тој во моментов се наоѓа во Германија, од каде известува за случувањата на Европското првенство во фудбал, а на сите социјални мрежи брзо се прошири видеоснимката на која тој известува од неговата хотелска соба, а во заднина се гледаат женски стапала.
Во еден миг, Рубен се освести дека во кадарот се гледаат нозете на неговата придружничка и се обиде да ги прикрие со филџан за кафе, но безуспешно.
https://twitter.com/J_VLbe/status/1804527342397640893
Хрватските медиуми, повикувајќи се на пишувањата на белгиските колеги, нагласуваат дека во неговата родна земја, веќе подолго се шират гласини дека тој со години има афера со Шарлот ван Лој (31), писателка и продуцентка која редовно го следи на снимањето на неговиот подкаст Cycling Club Wattage.
Таа пред извесен период објави нивна заедничка фотка, па многумина веруваат дека токму таа е жената чиишто нозе се наѕираат во снимката од хотелската соба.
Дополнително, во прилог на овие тврдења оди и фактот што Рубен и Шарлот заедно постојано одат на патувања и биле забележени дека истовремено се наоѓаат на истите места.