„На одмор одам да се одморам, а не да готвам“ – Патлиџан турист во Грција предизвика вистинска дебата
- Детали
- сабота, 29 јуни 2024
„Колку и да е евтино гирото, не е евтино за секого“ – велат дел од корисниците на Фејсбук кои застанаа во одбрана на „патлиџан туризмот“. Според други пак, јадењето паштета и сендвичи на плажа во Грција е срамно и нецивилизирано... Што мислите вие?
Сѐ повеќе туристи од Балканот гордо објавуваат фотографии на социјалните мрежи, со кои сакаат да покажат дека се т.н. „патлиџан туристи“, кои на плажа со себе си носат храна и не купуваат готови оброци, но не секогаш наидуваат на одобрување и на позитивни коментари.
Така, еден турист од Србија на Фејсбук страната Grčka Info се пофали дека е „патлиџан турист“, па објави фотка на која се гледа дека на море ќе јаде мини сендвичи со леб, сувомеснат производ и исечкани домати.
Но, никој не очекуваше дека неговата објава ќе предизвика кавга кај следбениците на групата.
Објавата собра голем број коментари и лајкови од луѓето кои сметаат дека ова е највкусниот појадок, додека други ваквото однесување го окарактеризираа како некултурно и нецивилизирано.
„Постои нешто што се нарекува културни норми и правила на однесување... Кога ќе тргнеш во опера не одиш во тренерки за да избегнеш да промовираш скапотија со убав костум“;
„Ако сум тргнала на одмор сигурно нема да готвам и да правам сендвичи и да ги носам, ајде можеби појадок, но пологично ми е да јадам надвор.
Не мора тоа да биде во скапи ресторани, сум јадела во голем број ресторани во Грција кои се поповолни отколку кај нас и храната не може да се спореди.
Ако веќе плаќам летување за да одмарам, тогаш навистина ќе одморам“ – стои во дел од коментарите.
Според други корисници, пак, нема потреба да се фрлаат пари во ресторани и на скапа храна.
„Не ми е јасно зошто некој би фрлал пари по скапи ресторани на море само за да се пофали дека јадел таму. Секој има право на избор да го помине одморот како што сака, а сепак подобро е да се потрошат парите за да се прошета и да се види нешто што го нема кај нас, отколку секој ден да јаде гиро како да не видел“;
„Колку и да е евтино гирото, не е евтино за секого. За цена на едно гиро можете да направите болоњезе за 4-члено семејство.
Срамота е и нечовечно да вреѓате некој што е сиромашен. Убедена сум дека успешните луѓе имаат пристојност и дека тоа никогаш нема да го направат тоа“ – стои во други коментари.
Други пак се потсетуваат дека така поминале голем број одмори и дека тоа е нешто најнормално за нив.
„Гледавме што купуваме и каде. Но, и покрај сѐ бевме среќни додека го јадевме овој домат на плажа. Некои се несреќни и во најлуксузниот хотел.
Од сѐ најмногу ми пречи снобизмот и некултурата. Велат зошто одат луѓето ако не се во можност. Одат да уживаат и за нивните деца да го видат морето“ – се вели во трет коментар.
Што мислите вие? Ви пречат ли луѓе што со себе си носат храна на плажа?
Б. С. Б. | Црнобело