Сашо од Прилеп победи на шоуто „Никад није касно“ – сакал да се откаже откако мајка му имала мозочен удар
- Детали
- понеделник, 24 јуни 2024
„Нè направи многу горди“ – му порача Калиопи на прилепчанецот Сашо Башески кој победи во шоуто „Никад није касно“ и уште еднаш покажа дека Македонија има голем број музички таленти со кои можеме да се пофалиме.
Прилепчанецот Сашо Башески синоќа (23.06) беше прогласен за втор победник во шоуто „Никад није касно“, со најмногу освоени гласови по СМС, а наградата му ја врачи нашата поп дива Калиопи.
Сашо успеа да освои 6.087 гласови по СМС и не можеше да ги скрие емоциите заради победата, а во изјава за српските медиуми рече дека за малку ќе се откажел од натпреварот.
„Мајка ми беше во една од минатите емисии и кратко потоа имаше мозочен удар.
Беше тоа мошне тешка ситуација и мислев да се повлечам од натпреварувањето, како и од фестивалот во Прилеп, каде што треба да настапувам, но потоа состојбата почна да ѝ станува сè подобра и подобра.
Сега веќе е сосема добро и тоа ми даде поттик и сила да продолжам“ – изјави тој.
Калиопи му ја врачи наградата на Сашо, а пред целата јавност му порача:
„Нè направи многу горди. Многу сум среќна. Ти благодарам што нè потсети на едно убаво време кога се пееше не само со грло, туку и со емоции!“
Инаку, Сашо на почетокот на учеството во шоуто откри дека со музика се занимава повеќе од три децении, а своевремено свирел и бас гитара.
Со неговиот брат Дејан, тие се познати како „Дуо Башески“.
Тој откри дека никогаш не се оженил и живее со мајка му Павлина, а на натпреварот се пријавил благодарение на внуките и најблиските кои го поттикнувале.
По победата, тој рече дека никогаш не е доцна да се ожени.
„Никогаш не е доцна да се оженам. Се јавуваат дами, веќе почнувам да размислувам за тоа. Оваа емисија ми отвори нови познанства, пријателства и нови можности“ – вели Сашо.
Б. С. Б. | Црнобело