Татко ѝ играше во документарец за српската мафија, беше осуден на затвор – Која е новата Мис Србија, Александра Рутовиќ?
- Детали
- четврток, 20 јуни 2024
Татко ѝ играл со Кристијан Голубовиќ во документарецот за српската мафија од 90-тите „Vidimo se u čitulji“, јавно застрелал човек во хотел, по што се вдаде во бегство. Александра Рутовиќ е новата Мис Србија, но медиумите се преплавени со информации за скандалозното минато на нејзиниот татко.
Синоќа во Белград се одржа изборот на Мис Србија, а победата ја однесе 25-годишната Александра Рутовиќ.
Српските медиуми денес се преплавени со написи за нејзината победа, а се спомнува и нејзиниот татко и неговото минато.
Александра Рутовиќ завршила основно образование во САД, а во Виена - основни студии и мастер од областа на интернационалниот туризам и хотелиерството, но во моментов работи како агент за недвижности.
Таа зборува руски и англиски јазик, а на 5 години се натпреварувала во јавање, со желба да се натпреварува на Олимписките игри.
Но, очекувано, текстовите за нејзината победа се проследени со потсетување на тоа кој ѝ е татко и неговото скандалозно минато, а таа самата нагласи дека очекува да се случи такво нешто.
„Сигурно ќе има наслови поврзани со мојот татко…
Луѓето ќе пишуваат дека до титулата сум дошла преку татко ми, но ако, јас овде се пријавив заради себе, затоа што сакам да се изградам себеси.
Мене татко ми ми е најголема поддршка, тоа е навистина така“ – рече Александра во изјава за српските медиуми.
Таткото на Александра, Жељко Рутовиќ, се појави во српскиот документарен филм Vidimo se u čitulji, објавен во 1994-та година, во кој беа опфатени интервјуа со криминалци и полиција во текот на 90-тите години.
Тој зборуваше за животот на престапниците кои споделуваа детали за својот живот, претставувајќи се како модерна верзија на Робин Худ.
Жељко, заедно со Кристијан Голубовиќ, Срѓан Качавенда и уште неколкумина други е еден од ретките учесници во филмот што го преживеаја бурното време на транзицијата.
Тој во изминатите години важи за познат српски бизнисмен. Во филмот уште тогаш призна дека соработува со украинската мафија, зборуваше за паметен начин на водење бизнис, па дури имаше и своја коцкарница во Сочи.
Тој беше неосудуван сè до 2021-ва година кога беше обвинет за ранувањето на бизнисменот Предраг Ранковиќ Пецони.
Инцидентот се случил во 2017-та година, во белградски хотел, кога Жељко со пиштол му пукал на Пецони во нога, за што беше осуден на две години затвор.