Констракта: „Неверојатно е што сѐ уште има луѓе кои сметаат дека феминизмот е насочен против мажите“
- Детали
- петок, 08 март 2024
„Феминистичките заложби се за доброто на сите“ – српската пејачка Ана Ѓуриќ Констракта во ново интервју за Kurir.rs даде коментар за тоа како доживува празникот на жената, а појасни и која ѝ била пораката што сакала да ја упати на годинешниов избор за Песна за Евровизија во Србија.
Српската пејачка Ана Ѓуриќ Констракта која пред две години ја претставуваше Србија на Евровизија со песната In corpore sano, по што стекна голема слава во регионот, но и во светот, деновиве даде ексклузивно интервју за српските медиуми во кое зборуваше на повеќе теми.
Со оглед на тоа што како што можеа да забележат и новинарите на CRNOBELO.com за време на годинешниот избор за Песна за Евровизија во Србија, Констракта цело време се држеше настрана од медиумите, ова беше прва пригода во која таа отворено го коментираше настапот.
Таа и годинава влезе во потесниот избор за песна претставник на Евровизија, а со песната „Ново боље“ го освои 4-тото место.
И покрај тоа што таа не успеа да победи, нејзините впечатоци се добри и смета дека успеале да остварат добар настап и да ја упатат пораката што ја замислиле.
„Мислам дека бев јасна со пораката. Малку дури и ја доцртав со телопот на којшто пишува ‘Ниту ново, ниту подобро’.
Значи тоа беше основната идеја, причината заради која настапот во својата поставка беше ист. Сепак, постои некој процент на луѓе до кои тоа не допре“ – вели Констракта.
Со оглед на тоа што интервјуто е објавено по повод Денот на жената, Констракта одговори на прашања поврзани со празникот и рече:
„Несомнено, за мене тоа е ден кога треба да се потсетиме на тековите на феминизмот, да се потсетиме дека рамноправноста, за жал, е нешто за што се бориме, а не нешто што се подразбира.
Но, подароците не ги одбивам“ – вели таа.
На прашањето какви се нејзините ставови за феминизмот, Констракта рече:
„Тешко е да кажам накратко, но за феминизмот имам само најдобри мисли.
Феминистичките заложби се за доброто на сите, но, неверојатно е што сѐ уште има луѓе што го доживуваат феминизмот како нешто што е насочено против мажите или семејството.
Благодарна сум им на сите луѓе што се активни феминисти и феминистки, што придонесуваат за заштитата на жените што се загрозени по родна основа.
А, насилство врз жените има и очигледно и скриено, што би можело тешко да се разоткрие без феминизмот“.
Инаку, Констракта беше една од жените што јавно ѝ дадоа поддршка на актерката Ангела Јовановиќ која се најде среде судски процес со актерот Бранислав Лечиќ.
Како што рече, потребно е повеќе да почнеме себеси да се сметаме како дел од заедницата во којашто живееме.
Б. С. Б. | Црнобело