Ведрана Рудан со критики до модерните мајки: „Се сликаат со голи задници, а децата ги третираат како мајмуни во циркус“
- Детали
- понеделник, 15 јануари 2024
„Не можеш да одиш наоколу, да го сликаш голиот задник и да зборуваш за мајчинството и да бидеш мајка“ - вели Ведрана Рудан во изјава за медиумите, откако претходно во колумна удри по инфлуенсерките и модерните мајки.
Хрватската писателка Ведрана Руда е позната по своите скандалозни и брутални искази, кои се однесуваат како на политичките, така и на општествените збиднувања што нè опкружуваат, а во изминатиот период на удар на нејзиното перо беа токму инфлуенсерките и мајките што, според неа, ги користат своите деца како извор за богатење.
Таа претходно објави подолга колумна во која ги откри своите ставови за инфлуенсерките, кои својата интима ја продаваат на тацна.
„Знаат ли тие лудачи, без разлика на тоа колку се необразовани, глупи, тупи или опседнати со пари, дека тоа што им го прават на своите немоќни деца е злосторство?
Како кутрите деца можат да се бранат од лудите родители, во главно мајки, кои со камерите го изложуваат секој миг од нивните кутри животи?
Се покажуваат фризури, маици, облека, чевли... Притоа, малите кутри деца мораат како мајмуни во циркус насмеани да танцуваат и да рекламираат сè, од пелени до гелови за кожата на главата, а мајките за тоа добиваат пари, што сами ги трошат...“ - напиша меѓу другото Ведрана.
Сега, во изјава за медиумите, уште еднаш цврсто застана на сопствените ставови.
„Современото мајчинство ми оди на нерви. Тој феминизам што воопшто не е феминизам. Тоа е своевидна поза на некои инфлуенсери што сметаат дека е во тренд да се борите за правата на жените истовремено покажувајќи голи нозе, а јас тоа го осудувам, ги осудувам и младите мајки што своите деца ги доживуваат како проект или како извор за богатење“ – вели Рудан.
Според неа, овие мајки толку многу ја уништуваат приватноста на своите деца, само за да се истакнат.
„Но, јас од искуство знам дека мајчинството е проклета работа и дека не можеш да одиш наоколу, да го сликаш голиот задник и да зборуваш за мајчинството и да бидеш мајка во исто време.
Ова меѓусебно се исклучува“ – вели таа во изјава за Express.ba и додава дека жените денес се третираат како подвижни реклами.
Според неа, тие денес го отсликуваат сето она против кое таа со години се борела - играчки во рацете на капиталот и мажите.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: Фејсбук