Детали за новиот филм за Џеј Рамадановски: Детето што го глуми во младоста го нашле додека продавало на улица
- Детали
- петок, 12 јануари 2024
Емра Куртишова ќе ја толкува улогата на мајката на Џеј, а актерот што го игра пејачот во младоста го нашле сосема случајно... Кои детали досега се откриени за новиот филм Nedelja за кој се очекува да стане вистински хит и е посветен на пејачот Џеј Рамадановски?
На 18-ти јануари во Белград ќе биде одржана премиерата на филмот Nedelja кој е биографска приказна за детството на познатиот српски пејач Џеј Рамадановски.
Публиката е во исчекување да го погледне најновото филмско остварување, а креаторите на филмот одржаа прес конференција и промоција на филмот за медиумите каде открија повеќе детали од снимањето.
„Филмот Nedelja, 90 отсто е снимен според вистински настани. Миќа Совтиќ, најдобриот пријател на Џеј, организираше часови и часови за раскажување и благодарение на тие приказни дојдовме до дејствието во филмот.
Тој беше популарна личност и многу се знае за него, но детството е неоткриено, па затоа најмногу се задржавме на тоа. Слушајќи ги тие приказни, сфатив дека неговото творештво настанало потпирајќи се на неговото растење“ – изјави режисерот Немања Ќераниќ.
Инаку, продуцентот на филмот, Владан Анѓелковиќ, откри дека најголем предизвик било да ги најдат актерите кои што ќе ја толкуваат главната улога.
Тој раскажа како сосема случајно го нашле момчето Ален Исмаили, што ја толкува улогата на малиот Џеј.
„Интересно е тоа што малиот Џеј, односно Ален го најдовме така што тој на Скадарлија ѝ пријде на нашата организаторка за да ѝ продаде ружа, таа го сними и утредента дојде на кастинг и ја отпра песната Nedelja, па сфативме дека покрај сличноста, тој има и неверојатен талент за глума“ – вели Владан.
Кога станува збор за актерот што го толкува возрасниот Џеј, Хусеин Алијевиќ Хуса, авторите на филмот не можеле веднаш да одлучат кому ќе му припадне улогата. Дури 4 месеци размислувале на кого да му ја дадат оваа улога.
„Во еден миг кога Хуса се појави и дојде на кастинг, ние сфативме дека и тој го познавал Џеј и дека во 92-ра година бил негов танчар и дека доаѓаат од иста ‘заднина’. Во тој миг знаевме дека тој е вистинскиот и сметам дека тој донесе една автентика за нашиот филм“ – вели сценаристот.
Исто така, во филмот Nedelja се појавува и нашата актерка Емра Куртишова на која ѝ припадна честа да ја толкува улогата на мајката на Џеј.
Инаку, на Јутјуб веќе е објавена песната која ќе биде саундтрак на филмот, а ја отпеа Цеца Ражнатовиќ.
Песната е насловена „За крај“, а текстот го напишала покојната Марина Туцаковиќ, која беше главен „виновник“ за славата на Џеј. Музиката и аранжманот на песната ги направил Александар Радуловиќ Фута.
Прочитајте и Растел во поправни домови, внукот ја убил сестра му - Потресни факти за животот на Џеј Рамадановски
Б. С. Б. | Црнобело