Нена М. Јорданов, доктор по естетска медицина: „Се боцкам и сама, највозрасната пациентка (70) ми побара зголемување на усни“
- Детали
- вторник, 11 април 2023
„Во Македонија се прават многу вакви типови на нехируршки естетски зафати. За среќа, не во таква масовност како во соседна Србија и Албанија, каде што желбата за „совршеност“ ги довела пациентите да изгубат од индивидуалноста и сите личат меѓу себе како една личност...“, вели д-р Нена Миовска Јорданов (33) за CRNOBELO.com.
Д-р Нена Миовска Јорданов (33) од Неготино има дипломирано на Стоматолошкиот факултет во Скопје и активно работи во полето на денталната медицина веќе 10 години, член е на многубројни стоматолошки здруженија во и надвор од државата, активно учествува со свои презентации и теми на повеќе имплантолошки конгреси, годишни орално-хируршки конференции и педодонтски симпозиуми.
Изминатата година д-р Нена стана дел од Првата академија за естетска стоматологија во Македонија, членка на светски познатата IACD (International Academy of Cosmetic Dentistry) каде со излагање на магистерска дисертација се здоби со интернационално признаена диплома за Магистер на естетска стоматологија.
На полето на естетската медицина започнува со BASIC training во 2017 година најпрво за апликација на хијалуронски филери, потоа ботокс, мезотерапии, хемиски пилинзи, мезоконци.
Заради одличното анатомско познавање на човечкото тело и вештата манипулацијата како инјектор со игли и канили, преминува во Advanced level injector образовајќи се на многу интернационални собири и работилници.
Во 2021 година преминува во МАSTER level на полето на естетската медицина и активно учестувува во постмаркетинг студии на Skin Tech Pharma Group од Шпанија и многу други настани за едукација во полето на естетската медицина.
Континуирано го обновува и споделува своето знаење на многубројни реномирани настани, член е на повеќе светски познати здруженија за естетска медицина како AMWC, IMCAS academy, во Македонија ЗЕМ здружение за естеска медицина и во Србија SESIAM.
Со гордост во својата ординација ги спроведува сите свои знаења од модерната стоматологија и со многу љубов и задоволство секојдневно со своите пациенти ги работи сите светски познати техники за убавина и користи само реномирани и безбедни медицински производи.
Д-р Нена за CRNOBELO.com открива детали за својата професија:
Која е разликата помеѓу ботокс и филери?
Огромна е разликата помеѓу споменатите антиејџинг препарати.
Популарно кажаниот ботокс е медицински лек кој од одамна се користи за лекување на цервикална дистонија, страбизам, блефароспазам, хемиспазма на лице, церебрална парализа, прекумерно потење, спастичен тортиколис итн.
Но, во естетската медицина нашол примена во минимализирање на брчките кои настануваат како резултат на активноста на мимичката мускулатура на лицето.
Ботоксот се инјектира за да го блокира импулсот од нервот до мускулот и како резултат на тоа мускулот е оневозможен да се грчи, со што се добива мазен лик без бори на челото, помеѓу веѓите, околу очите и околу усните, брчки кои се добиваат од премногу активни мускули на брадата и вилицата итн.
Хијалуронските филери пак, се сосема друг продукт во естетската медицина и најчесто за посакуваните резултати се комбинираат со ботокс.
Тие се лабораториски изменета хијалуронска киселина со цел подолго да трае во ткивата.
Хијалуронската киселина е составен дел на човековиот организам. Кога се раѓаме ја имаме во најголем процент во ткивата и како старееме опаѓа.
Затоа естетската медицина ја користи во антиејџинг медицината. За да додаде волумен онаму каде недостига заради стареењето (подочници, јаболкници, долна вилица, слепоочна регија), да додаде волумен или да хидрира (усните, назолабијални бори, марионети, пушачки бори).
Секој од филерите има различна густина и различно се врзани молекулите на хијалуронската киселина спрема регијата за која е наменет филерот.
Што е помодерно, побарано периодов?
Како и секоја област што трпи трендови, така и естетската медицина се менува и има периодично барани интервенции и нивни модификации.
Можам со задоволство да кажам дека поминаа трендовите на волуменозни јаболкници, напумпани усни и неприродно закосени очи Бела Хадид (foxy eyes).
Денес естетската медицина се осврнува на што поприродни резултати и минимално инвазивни интервенции. Пациентките повеќе не бараат да имаат сите исти „руски усни“ како порано, туку неосетно зголемени хидрирани усни.
Најбарано во мојата ординација е нехируршкото затегнување на лицето со помош на мезоконци. Тоа се хируршки конци кои се поставуваат во одредени места на лицето со цел да се затегне кожата и резултатите се одлични и по разградувањето на конците.
Исто, трендовски се хемиските пилинзи со кои решаваме повеќе проблематики на кожата.
Пациентите денеска се осврнуваат на здрава, негувана кожа и сите третмани и козметика која е неопходна за истата.
Прават ли Македонците многу ваков тип на процедури? На која возраст најчесто?
Да, прават многу вакви типови на нехируршки естетски зафати.
За среќа, не во таква масовност како што ќе ги спомнам соседна Србија и Албанија, каде што желбата за „совршеност“ ги довела пациентите да изгубат од индивидуалноста и сите личат меѓу себе како една личност.
Најчесто за ботокс доаѓаат пациентки после 25-та година кога ги забележуваат првите бори.
За филери за уста, доаѓаат девојчиња по 18-та.
За мезотерапии после забележливо стареење, мезоконци после 40-та или заради варијации во тежината итн.
Може ли кај вас да се поправи грешка која ја направил друг доктор? На пример на пациентката не ѝ се допаѓа устата или слично?
Кога ми доаѓа пациентка од друго место сработена, незадоволна заради грешна техника на докторот, инјектиран неквалитетен материјал или премногу материјал, сработено од немедицинско лице итн. најдобро е да се разгради материјалот.
Користам ензим, кој природно го имаме во нашето тело, односно истиот ензим лабораториски произведен го инјектирам во усната или некоја друга регија која треба да се коригира, чекаме одреден период да се разгради и потоа можеме од ново да го сработиме местото и да ја усреќиме незадоволната пациентка.
Овие интервенции и тоа како знаат да удрат на психолошкото расположение на индивидуата и многу ни е важно да ја вратиме самодовербата на пациентот.