Стоматологот Иван Шутаров: „Плакнете ги со вода забите по јадење портокал, но не ги четкајте веднаш по оброк“
- Детали
- недела, 05 март 2023
„Поголемиот дел од луѓето мислат дека четката за заби треба да биде тврда за подобро да се исчистат забите. Но, тоа е сосема погрешно, бидејќи со триењето на тврдата четка нанесуваме многу штета на емалјот на забот. Подобро е да се одлучите за четка за заби со меки влакна, и без употреба на сила со правилно четкање, забите ќе се исчистат одлично“, вели стоматологот Иван Шутаров (32) од Скопје за CRNOBELO.com.
Иван Шутаров (32) од Скопје, работи како стоматолог веќе 7 години, од кои 4 години има своја ординација.
Во слободно време, покрај да минува мигови со семејството, најмногу ужива во своето хоби мотоциклизам, но и крос фит, како и страста да учи да лета, за што веќе земал почетнички часови.
Сепак, главен фокус во животот му е професијата и правилниот третман на неговите пациенти.
За CRNOBELO.com д-р Шутаров споделува детали од својата професија:
Колку Македонците се грижат за своите заби? Посетуваат ли редовно стоматолог или само кога имаат проблем?
Можам слободно да кажам дека во последно време се повеќе се води грижа за забите.
Впрочем, сите сакаме убави заби нели? Меѓутоа сè уште имаме и од оние пациенти кои нè посетуваат само кога имаат болка или некаков проблем.
Кои се најчестите грешки кои ги правиме кога станува збор за негата на забите ? Дали пресилното четкање на забите со четка може да им наштети на забите и непцата? Kаква четка треба да користиме?
Една од најчестите грешки кои ги правиме е тоа што поголемиот дел од луѓето ги четкаат забите само еднаш во денот, наутро.
Од голема важност е да се четкаат забите и навечер - пред спиење. Со тоа ќе се осигураме дека сме ги отстраниле бактериите, остатоците од храна и наслагите, кои се акумулирале во текот на денот при јадење.
Втората најчеста грешка е недоволното времетраење додека ги четкаме забите.
Забите треба да се четкаат 2 минути. Една минута треба да се посвети на горните и една минута на долните заби.
Потоа, доста честа појава е пресилното четкање на забите, а со тоа само го оштетуваме емајлот (односно првиот слој) на забите. Не треба да се употребува преголема сила за ефикасно чистење на забите.
Исто така, изборот на четката за заби е од особена важност.
Поголемиот дел од луѓето мислат дека четката за заби треба да биде тврда (hard) за подобро да се исчистат забите. Но, тоа е сосема погрешно, бидејќи со триењето на тврдата четка нанесуваме многу штета на емалјот на забот.
Подобро е да се одлучите за четка за заби со меки влакна (soft), и без употреба на сила со правилно четкање, забите ќе се исчистат одлично.
Предолгото користење на четката заби е исто така една од доста честите грешки кои се прават. Четката треба да се менува на секои 3 месеци.
Колку изборот на паста е важен?
Изборот на пастата за заби е од особена важност и треба да се внимава при истиот.
Најдобриот избор на паста за заби е онаа која во својот состав не содржи SLS (Sodium Lauryl Sulfate). А што е SLS? Тоа е состојка која ја има во сите средства за чистење на домаќинствата и лична нега (детергенти и прашоци за перење, лосиони, шампони за тело и коса, течни сапуни, но и во некои пасти за заби).
Всушност, тоа е состојката која ја прави пената (foam). Меѓутоа многу студии покажаа дека е екстремно токсична состојка која има штетно дејство врз нашиот организам, па така најдобро е да си одберете паста за заби која во својот состав не содржи SLS.
Колку често треба да чистиме каменец и кој е ризикот ако не го правиме тоа?
Забниот камен треба да се чисти на секои шест месеци. Имено, чистењето на забниот каменец претставува стоматолошка процедура во која се отстранува забниот камен, плак/наслаги, но и пигментации на забите кои можат да бидат присутни.
Еднаш кога е формиран забниот камен и не е можно негово отстранување со паста и четка, тогаш е потребна посета на стоматолог.
Самата постапка на чистењето на забниот каменец се смета за безболна и без употреба на локална анестезија, а се прави со помош на ултразвук чии вибрации го распрснуваат каменецот, притоа не правејќи никакво оштетување на забот.
Доколку не го отстраниме забниот камен може да дојде до појава на гингивитис - воспаление на непцата, пародонтопатија и расклатување на забите, кое резултира дури и со нивно губење.