Ненад Петровски, колекционер на автомобилчиња: „Имам 500 модели, а најскапото парче ме чинеше 4.000 денари“
Кој се грижи за чистењето на колекцијата?
Исклучиво јас! Строго е забранет пристап до моделите без мое присуство.
Најголем непријател на моделите е прашината. Чистењето е со најобична четка за шминкање, само да не е многу крута.
Потребно е да биде мека, заради некои ситни делови да не дојде до нивно оштетување.
Од каде се повеќето работи од колекцијата?
Најголемиот процент се од странство, но имам и купени во Македонија.
По корона вирусот, многу ретко се наоѓа добар модел во Македонија. Едноставно и они станаа скапи, па некако трговците го намалија увозот, а со тоа и изборот. Намалениот увоз веројатно се должи и на фактот дека сме мала држава и потрошувачката не е толку голема како во некои други земји, а условите кои ги наметнуваат производителите на овие модели, нашиве трговци едноставно не можат да ги исполнат.
Поради тоа купувањето најчесто е од странство. Најчесто преку интернет. И тука се појави проблем, заради скапата поштарина. Па, едноставно се снаоѓам, по пријатели кои живеат во странство, па преку нив. Така што и они помагаат за зголемувањето на мојата колекција.
Што ти е омилено од колекцијата?
Обично секој што ме прашал ова, сум го одговoрил следново: колекционер никогаш не се прашува кое парче му е највредно или најомилено. Едноставно секој модел е приказна за себе.
Можам да кажам дека највеќе сум горд на филмската колекција. Тоа ми е колекција на автомобили кои се појавиле во одредени холивудски серии и филмови.
Тука се моделите на автомобили кои се појавиле во следниве филмови, ќе ги набројам неколку: Batman, Mad Max, Ghostbusters, Jurassic Park, Back to the future и други.
Што е најинтересното нешто што го поседуваш?
За мене најинтересно, тоа се неколку модели што ги имам зачувано од моето детство. Ги имам околу над 20 години и немаат цена.
Но, би издвоил и други два модели кои биле дел од моето детство и биле произведени во поранешна Југославија. Овие два модели успеав да ги обезбедам пред извесно време.
Кои се придобивките да се биде колекционер?
Како придобивка која го нуди ова хоби, веројатно е така и кај други видови на хоби, е тоа што со помош на интернетот можете да истражувате и да дознавате разни информации и да споделувате искуства со други колекционери.