Ненад Петровски, колекционер на автомобилчиња: „Имам 500 модели, а најскапото парче ме чинеше 4.000 денари“
- Детали
- среда, 07 декември 2022
„На почетокот собирав исклучиво BMW и Порше. Потоа решив, да собирам филмски класици, но и олдтајмери и олдтајмерите ги собирам претежно од американските модели помеѓу 50-тите и 70-тите, но и од истиот период ги собирам таканаречените American muscle. Едноставно кај нив ме воодушевува чувството за дизајн од тоа време, кога немале интернет и разни софтвери, а создавале таква уметност“, споделува Ненад Петровски (42) од Скопје за CRNOBELO.com.
Ненад Петровски (42) од Скопје, дипломиран машински инженер, од 5-годишна возраст ги сака автомобилите и моделите на автомобили, а како колекционер смета дека е „официјално“ од негова 13-годишна возраст.
Во колекцијата има повеќе од 500 модели, а сега дури и организира прва колекционерска средба на модели на Автомобили во Македонија.
Во интервју за CRNOBELO.com говори за неговото хоби:
Како стана колекционер?
Почнав да ги купувам моделите од мои 13 години онака непланирано. Ги гледав на рафтовите по некои маркети и ми се допаѓаше нивната изработка, квалитетот и деталите.
Како што е народната поговорка „капка по капка вир“, така и со моделите бидна, една по една и се собраа, за брзо време станаа дваесетина.
Па, како минуваше времето бројот само се зголемуваше. И сè уште се зголемува.
Некако природно си дојде, веројатно тоа го имаш од внатре. Едноставно те тера да ги собираш. Како јадење грицки, не можеш да сопреш на првото.
Каков тип колички собираш и зошто токму тоа?
На почетокот собирав исклучиво BMW и Порше. Потоа решив, да собирам филмски класици, но и олдтајмери и олдтајмерите ги собирам претежно од американските модели помеѓу 50-тите и 70-тите, но и од истиот период ги собирам таканаречените American muscle.
Едноставно кај нив ме воодушевува чувството за дизајн од тоа време, кога немале интернет и разни софтвери, а создавале таква уметност.
Колку парчиња имаш во колекцијата?
Вкупна бројка на модели имам околу 500 или нешто над тоа, одамна не сум ги броел, но истата постојано се зголемува.
Тие се од сите размери, но најмногу модели (односно бројка некаде околу 400) се модели од 1:64 размер, а потоа 1:18 (околу 30) и 1:43 (над 150).
Согласно некои мои лични критериуми, сите модели што ги имам се строго одбрани. Не купувам сè и сешто, и никогаш не купувам само за да кажам дека имам над 10.000 модели.
Едноставно моите критериуми си ги исполнувам и колекцијата е мојот филтер на мозок и си се воодушевувам со неа.
Кои ти се највредните парчиња?
Успеав да го набавам во размер 1:18, моделот од филмот „Mad Max“, а тоа е Ford Falcon XB GT Coupe 1973 „V8 Interceptor“.
И колку најмногу пари си дал за една количка?
Ова е едно од прашањата што не се поставува на колекционер, но еве ќе би одговорам - 4.000 денари, за моделот погоре спомнат.
За него поштарината ме чинеше повеќе отколку самиот модел, но едноставно морав да го имам.