Прва Колекционерска средба на модели на автомобили во Македонија

За прв пат во Македонија се организира Колекционерска средба на модели на Автомобили, што за повеќето се само обични колички. За Колекционерите, овие модели се нешто посебно.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-01.jpg

После долг период на дружење онлајн Die-Cast Club Куманово(Aце Дејановски, Никола Серафимовски, Јовица Џелевиќ и Ненад Петровски), одлучи да организира настан за сите љубители и колекционери на минијатурни модели на автомобили во секаков размер.

Колекционерската средба на модели на автомобили ќе се одржи на 17.12.2022 година во Куманово, во Дом на Занаетчии со почеток во 18 часот.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-08.jpg

Oвие модели на автомобили популарно се нарекуваат DIE-CAST. Самиот израз доаѓа од начинот како се изработуваат. Се работи за процес на леење на некои видови на метали како што се: Легура на Алуминиум, Цинк или Oлово. Самата постапка за нивно добивање се нарекува DIE-CAST.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-02.jpg

Историја и сегашност

Моделите на автомобили постојат речиси исто колку и вистинските автомобили. Првите примероци на моделите датираат од доцните 1800ти. Во 19-от век популарни беа моделите на возовите, кои се изработуваа паралелно со реалните примероци и го пратеа технолошкиот развој. Со иста динамика почна и развојот на моделите на автомобилите. Како растеше автомобилската индустрија и целата таа технологија, така производителите на играчки го пратеа целиот тој развој и ги создаваа моделите на автомобилите.

Во текот на последните 120 години, милиони деца ги поседуваат овие намалени копии на возрасни автомобили, без разлика дали си играат со нив или ги чуваат како возрасни колекционери. Многу модели кои се произведени уште од 19ти век сеуште внимателно се чуваат од чуварите на времето кои популарно се наречени КОЛЕКЦИОНЕРИ.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-03.jpg

Меѓу првите производители на вакви модели се Meccano и Corgi. Во почетокот овие модели беа едноставни и се состоеа од мала каросерија на автомобил или камион со тркала, но немаа внатрешни детали. Моделите се изработуваа од олово или легура на цинк. Поради одредени нечистотии во самите легури, доаѓаше до пукање или распаѓање на лиењето. Тоа е една од причините зошто е исклучително ретко да се најдат модели од пред Втората светска војна во добра состојба.

Со развојот на индустријата растеше и квалитетот на изработка на овие модели. Почнаа да се произведуваат со внатрешни детали, па и со отварање на вратите, багажникот и хаубата, а се со цел да се добие што по реална реплика на вистионскиот модел.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-04.jpg

Oвие модели се изработуваат во различни размери, но најчестите размери се: 1:18, 1:24, 1:32, 1:43 и 1:64. Што означува овој размер? Размерот како што учиме во математика, означува за колку пати е намален моделот од неговиот вистински примерок. Овде се мери должината на моделот. Тоа значи дека модел во размер 1:18 неговата должина би била од 24-30cm, 1:24 од 16-20cm, 1:32 од 10-15 cm, 1:43 од 8-12cm и 1:64 од 6-8cm.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-07.jpg

Во Р. Македонија се среќаваат модели од следниве производители: Bburago, Maisto, Hotwheels и Matchbox. Но постојат многу повеќе производители на светско ниво. Меѓу колекционерите се среќаваат и модели произведени и од следниве производители: AUTO Art, Norev, Solido, Greenlight, Jada Toys, Johnny Lighting, DeAgostini, MINI GT и др.

Она што го разликува DIE-CAST, од другите производи, е тоа што добивате производ во масовно производство кое се карактеризира со сложени форми во рамките на поблиски толеранции, делови кои се издржливи, димензионално стабилни и се со добар квалитет.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-05.jpg

Еве и неколку совети за идните колекционери на DIE-CAST или некој друг производ. За почеток треба да се размисли како ќе изгледа Вашата колекција. Не постојат строги правила за ова, туку лични преференции кои ќе ви помогнат да изградите колекција со која ќе можете да се гордеете. Без разлика дали ги сакате автомобилите и камионите, возовите и трамваите, автобусите и приколките, воените возила или класичните играчки, ќе ви биде полесно да се набават модели кои соодветствуваат едни со други и на тој начин да ја збогатувате Вашата колекција.

Покрај одредени специфики кои ги спомнавме погоре, истотака треба да се имаат во предви и следниве фактори: Големината (размерот), Производител (Brend) и Периодот (дали сте љубители на возила од 60тите или 70тите години или друг период). Имајќи ги и овие фактори во предвид, несомнено ќе си направите солидна колекција.

prva-kolekcionerska-sredba-na-modeli-na-avtomobili-vo-makedonija-vo-kumanovo-06.jpg

Истотака во предвид треба да се има и местото на чување. Некои од моделите доаѓаат со фабричко куќиште. Предноста на истото е што го заштитува моделот од прашина, што е еден од најголемите непријатели на овие модели. Но истотака чувањето може да биде и на соодветни полици. Самите полици можат да ја поткренат и Вашата креативност за искористување на просторот.

За сето ова погоре и за добра дружба Ве покануваме да присуствувате на официјално Првата изложба на Колекционери на модели.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg