Озбек Ајваз, скулптор: „Често страдам од изгореници и трн во око, скулптурата на „Тешкото“ оро симболично го претставува македонското срце“
- Детали
- четврток, 15 декември 2022
Озбек Ајваз (23), магистер на Факултет за ликовни уметности во Скопје, неодамна, пред зградата на Филхармонијата ја имаше првата своја самостојна изложба на кое во поинаква димензија беше претставено „Тешкото“ оро.
Во продолжение следува разговор со Озбек кој ни открива за процесот на создавање на скулптурата „Тешкото“. за најголемите предизвици, работните навики и какво значење за него имаат наградите и признанијата.
Озбек, неодамна ја имаше својата прва самостојна изложба пред зградата на Филхармонијата, зошто на публиката се одлучи да го претставиш токму „Тешкото“ оро?
Како народ сите сме запознаени со фолклорот на Македонија, и сакав да го претсавам „Тешкото“ оро во друга димензија.
За секое уметничко дело да ја достигне својата финална форма потребно е време и многу труд. Колку време работеше на овој интересен проект изработен од отпадно старо железо?
Делото го работев 3 месеци. Јули, август, септември на портокалова фаза, од рано наутро па да по ручек
Како течеа подготовките до крајната реализација на „Тешкото“?
Тешко, возбудливо бидејќи работев прв пат габаритно дело од сите други остнатати дела
Што ти беше најголемиот предизвик додека работеше на делото?
Почнувајќи од идејата до самата реализација, бидејќи сакав да ги претставам во натприродна големина, а при изработка највеќе време потрошив на тапанџијата и играорецот качен на тапанот и неговата стабилност.
На кого го покажа прво делото пред да биде споделено со јавноста?
Првин на мајка ми, потоа други членови од семејството и на пријателите
Зошто токму осум метални скулптури?
Oсум бидејќи македонското срце чука во седумосмински такт, осум како симбол на бесконечност, но и затоа што осум години учев вајарство, четири во средно уметничко, во класата на проф. Ангел Нацевски и проф.Бранко Јакшиќ и четири на ФЛУ под менторство на проф. Жарко Башески и проф. Беди Ибрахим.
Секој уметник си има свој начин на работа. Како ти е распределен денот кога со сите сетила си посветен на некој проект?
Од раните утрински часови влагам во ателје, спремам работен фронт, пиам кафе и дур секој атом не е потрошен од моето тело не идам дома.
Постои ли некоја посебна средина и материјал со кои уживаш да работиш?
Кога работиме двајца колеги и кога за време на работата си даваме консултации еден на друг.
Кои се најчестите незгоди со кои се соочуваш при работа?
Изгореници и шпон (метален трн) во око
Имаш ли забележано во што се состои најголемата разлика во стилот од пред неколку години и сега?
Подобро познавање на материјалот кој го работам, подобро позанавње на алат и подобра реализација на делото.
Вајарство учеше четири години во средно и четири години на насоката по вајарство на факултетот, какви им се реалните можности на младите во Македонија кои се занимаваат со овој вид на уметност?
Зависи до индивидуата и неговата мотивација кон стварање на дела.
Од каква важност е за еден уметник да биде дел од различни колонии и симпозиуми што се одржуваат кај нас, но и во други држави?
Без разменување на мисли, идеи и техники уметникот тапка во место со неговите знаења, затоа е важно да се учествува на ликовни колонии и симпозиуми.
На Истанбулскиот симпозиум ја доби наградата Надежен млад уметник, што за тебе претставуваат наградите и признанијата?
Секоја изложба е втор роденден, секоја награда и признание е подарок за тоа што го правиш и те мотивира за уште толку да продолжиш.
Какви им се барањата на Македонците кога нарачуваат некое уметничко дело?
Пазарл’к е адет! Но, гледајќи те како млад уметник, на дадената цена се вртат очи и се бориме да биде ценет нашиот труд за кој зимаме хонорар.
Тука ќе го завршиме разговорот. На каков проект би сакал да работиш во иднината?
Моментално работам на неколку проекти. Спремам самостојна изложба, публиката ќе биде наскоро запознаена.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело