Д-р Татјана Гуржанова, специјалист за ин витро: „Пациентка на 43 години пред ин витро забремени природно, друга стана мајка на 53 со донирани јајце клетки“
- Детали
- петок, 28 октомври 2022
„Кај нас има сè повеќе млади парови кои се соочуваат со инфертилитет. Инаку, плодноста на жената драстично опаѓа со годините, особено по 35/40 години, но секогаш детално треба да се испита состојбата и кај мажот“, споделува за CRNOBELO.com Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист од Скопје.
Татјана Гуржанова е специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист од Скопје.
Има работно искуство на Клиниката за гинекологија и акушерство од 2001 до 2013, а од 2014 официјално се занимава со лекување на инфертилитет и ин витро постапки.
Зад себе има низа успешни приказни со пациентки, но вели дека, за жал, не секогаш при ин витро процесот има успех, а неретко обидите траат со години.
Во разговор за CRNOBELO.com таа открива детали од својата работа:
Како изгледа вашиот кариерен пат? Зошто од работа со онколошки пациенти се префрливте во сосема поинаква сфера?
Клиниката за гинекологија и акушерство беше мојот дом, таму го научив занаетот, таму стекнав работна етика и спрема моите пациенти и спрема моите колеги, т.е. и едните и другите научив да ги доживувам како мое семејство, моја мисија пред којашто имам огромна одговорност.
Во еден момент се видов себеси како стојам подолго време на професионално плато, немаше напред, тапкав во место и се одлучив на многу ризичен чекор, да дадам отказ од работното место и да се посветам комплетно на нешто ново, иако тоа ново сè уште немаше јасен облик.
Беше многу збунувачки и за домашните и за моите колеги зошто го направив тој чекор, но сметав дека за да се постигне успех мора комплетно да се предадеш на тој зададен проект.
Во исто време се обучував за субспецијалност од областа на хуманата репродукција и ја нострифицирав лиценцата за работа како гинеколог акушер за УАЕ, себеси се доживував како гинеколог во Дубаи и во двете работи успеав.
Што значи да се биде IVF специјалист, кои се најтешките, но и најубавите мигови од оваа професија?
Секој ден ми е радост кога одам на работа, а не секогаш има убави и успешни приказни.
Јас секое утро кога одам на работа се чувствувам како да одам дома. Восхитена сум од мојот тим, од секој поединечен член на истиот.
Колку е зголемен бројот на парови во Македонија кои се соочуваат со неплодност?
Интересен е фактот што сè повеќе млади луѓе на Балканот се соочуваат со инфертилитет, односно неможност да имаат бебе.
Во минатото пациенти доаѓаа на возраст од над 35 години или над 40, каде што биолошки е нормално да се има проблеми со забременувањето, но сега имаме сè повеќе и повеќе млади луѓе, на возраст од 25 до 30 години.
Тоа не говори добро за начинот на живот кај младите односно кај паровите.
Дали кога постои проблем со зачнување по автоматизам проблемот се бара кај жената? Зошто е тоа така?
Сè уште како нација живееме во таква средина каде самата жена проблемот прво го бара кај себе, па на крај на целиот процес го вклучува и машкиот партнер.
Јас како лекар ги советувам моите пациенти за базични испитувања кај мажот како ултразвук, спермограм и ХСГ за проодност на тубите, од кои пак произлегуваат и понатамошните испитувања.
Колку опаѓа плодноста кај жените со годините? Кога и зошто се препорачува замрзнување на јајце клетки?
Годините најмногу влијаат во способноста да се забремени.
Поблизу до менопаузата веројатноста да се забремени опаѓа заради исцрпените резерви на јајниците и квалитетот на јајце клетки.
Од 20-25-тата година е пикот на можноста да се забремени, а потоа на секои 5 години опаѓа и тоа сè побрзо по 35-тата, особено по 40-тата година од животот.
Современата медицина нуди можност за зачувување т.е. замрзнување на јајце клетки кај жените кои сè уште не се одлучиле за бременост, а годините ближат кон критичната возраст (40).
Наредна можност кај намалената оваријална резерва на база на возраста е колекционирањето односно сукцесивни процедури со најмала употреба на лекови и во најдобра рака добивање на ембриони во последователни циклуси, нивно замрзнување со цел за подоцнежен трансфер и обезбедување на прифатлива „резерва“.
Се користи и постапката на т.н. „подмладување“ – рејувенација на јајниците. Крајна инстанца во решавање на проблемот на годините и можноста да се забремени кога јајниците се исцрпени, е купување на јајце клетки од банките или обезбедување на сопствен донатор.
Сте имале ли случаи со бременост по хемотерапија? Колку онколошките пациентки се соочуваат со проблеми при забременувањето?
Да, имаме доста такви пациенти. Најдобро е доколку се дијагностицира некое онколошко заболување да се замрзне материјал пред започнување на терапијата и кога ќе биде безбедно да се реализира ин витро и да водиме нормална бременост.
Колку поддршката од партнерот е клучна при процесот? Сте сведочеле ли на несоодветен третман од страна на партнерите?
Овој процес е многу тежок за една жена сама да го поминува. Без разлика за причината за инфертилитетот, цела тежина паѓа на товар на жената, и физички и психички.
За успех клучна е поддршката на машкиот партнер. Сведок сум на различни примери и онаму каде поддршката од партнерот е голема, успехот е најголем.
Колку е болен овој процес? Што значи вонтелесно оплодување?
Ин витро оплодувањето е инвазивна метода со која сперматозоидот ја оплодува јајце-клетката надвор од телото на жената.
Оплодувањето се прави на тој начин што прво се обработуваат гаметите (сперматозоиди и јајце клетки) одделно, потоа со помош на микроманипулатор се избира еден сперматозоид кој се вбризгува во јајце клетка.
Постапката е безболна, бидејќи се изведува под краткотрајна анестезија. Може да се чувствуваат мали како менструални болки дента кога се прави пункцијата на јајници.
Споделете со нас некои среќни приказни од вашето искуство…
Имаме пациентка која на 53 години се оствари како мајка со донирани јајце клетки.
Друг случај имаме на пациентка која природно оствари бременост и покрај многу неуспешни ин витра.
Интересен е случајот на пациентка која мислејќи дека е во менопауза, со возраст над 43 години и во подготовка за постапка на ин витро со донација, роди здраво машко дете.
И секој ден се соочувам со некое чудо кое ме прави да верувам дека има нешто многу поголемо од нас и знае како да ги води работите.
Колку хормонската терапија при процесот на вонтелесно оплодување влијае врз жената, физички и психички?
Во повеќето од случаите влијае негативно, најчесто со болки во одредени делови од телото, анксиозност, надразливост и депресија, но жените ги гледам дека се спремни сè да надминат и со сè да се соочат само за да се остварат како мајки.