Фросина е креативна девојка од Скопје: „На дрвена подлога ковам шајчиња и плетам со конец - делата се уникатни“
- Детали
- петок, 14 октомври 2022
„Плетените слики се изработуваат на дрвена подлога која може да биде во различна форма, на дрвото се коваат шајки и потоа на шајките се плете со конец, а идејата ми дојде кога сакав да смислам уникатен роденденски подарок за мојата мајка …“, споделува Фросина Трајковска (26) за CRNOBELO.com.
Фросина Трајковска (26) од Скопје има студирано е-бизнис и работи во е-commerce секторот, но вели дека секогаш ѝ била силна нејзината креативна страна, која решила да ја изрази преку креативни изработки.
Фросина за CRNOBELO.com ја споделува својата приказна:
„За мене креативноста е начин на кој може да ја споделиш својата дарба со сите, да ги направиш другите среќни и да донесеш боја во секојдневието.
Заштитен знак ми се плетените слики на дрво, кои се нешто во кое нема граници на замислите.
Се изработуваат на дрвена подлога која може да биде во различна форма, на дрвото се коваат шајки и потоа на шајките се плете со конец.
Всушност, идејата ми дојде во комуникација со уште два членови од мојата фамилија.
Кога дојде роденденот на мајка ми дознав за техниката – плетење на шајчиња и знаев дека тоа е подарокот кој сакам да и го направам.