Марија од Скопје живее со биполарно растројство: „Имам манични и депресивни периоди, но мојот сопруг е мојата најголема поддршка“

„Хипоманијата во која најчесто влегувам е проследена со голема продуктивност, храната ми е вкусна, па качувам едно 6 килограми секојпат, имам потреба од ораторство, слушање многу музика, љубов и емпатија кон сите, безрезервно помагање на пријатели, зголемено либидо, но во депресивните периоди не можам да испржам ниту едно јајце. Дома сме исклучително искрени за мојата состојба, особено со мојот син Мартин, кој е емпат и кој ме чувствува најмногу од сите...'. раскажува Марија Баришин Лус (42) од Скопје за животот со биполарно растројство.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-01.jpg

Марија Баришин Лус (42) од Скопје, доцент по Организациско однесување, сопруга на Сајмон и мајка на Мартин (12), по 4 години живот во Нов Зеланд се пресели назад во Македонија.

Нејзината мајка е тетовка по потекло, родена во Белград, а татко ѝ сплиќанец по потекло, a роден во Скопје. Марија од 1999 година, па наваму има живеено во Амстердам, па во Канада и во Нов Зеланд од 2018 до 2022 година. Но, Македонија и Скопје ѝ се дом повторно од неодамна.

Таа отворено говори на многу теми, па таква е ситуацијата и со нејзината дијагноза биполарно растројство.

Биполарното растројство е состојба на менталното здравје дефинирана како повторливи епизоди на значително нарушување на расположението. Овие нарушувања може да се случат во еден спектрум кој се движи од депресија до незауздана манија.

Марија за CRNOBELO.com отворено говори за нејзината состојба:

Какви симптоми имаше? Што те натера да појдеш на доктор?

Депресиите јасно укажуваа дека имам проблем со своето ментално здравје. Губење задоволство во омилените активности, безнадежност, физичката омалаксаност, немање внимание и тешкотии во извршувањето на наједноставните секојдневни работи.

Но, биполарно афективно растројство тешко се дијагностицира затоа што пациентите бараат помош најчесто кога се во депресивен период. Поради тоа многу луѓе кои живеат со ова растројство, се дијагностицираат со монополарна депресија и им се препишуваат антидепресиви.

Проблемот со тоа е што антидепресив без стабилизатор е рецепт за настанување на манија.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-06.jpg

Ако се потсетиш на детството, имаше ли некакви симптоми тогаш? На што ги припишуваа твоите родители?

Во тинејџерските години во зимските месеци ми се случуваше да се повлечам во себе и да не сакам да излегувам и да се дружам. Сега кога ќе размислам имав и благи еуфории кои беа проследени со благи депресии.

Родителите не препишуваа на ништо, затоа што не беше многу впечатлива промената на расположението.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-04.jpg

На колку години ја доби дијагнозата и што почувствува кога слушна дијагноза биполарно растројство?

Прво, досега не се нашол доволно храбар психијатар да ми ја постави и запише дијагнозата официјално иако сите ме лекуваат за биполарно растројство.

Дијагнозата ја знаев пред да видам лекар затоа што другарка ми од факултет, Тина забележа дека нешто не е во ред со мене и дека ја потсетувам на најдобрата другарка на мајка ѝ, која живее со биполарно растројство.

Така почнав да чепкам по интернет, но информациите беа оскудни во 2000-тата година.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-09.jpg

Што значи да се живее со дијагноза биполарно растројство? Што е поинаку во секојдневието?

Секојпат кога ќе се почувствувам навистина и искрено среќна, се прашувам дали е со оправдана причина или пак серотонинот ми приредува журка во глава.

Краткорочни, а посебно долгорочни планови се ризични за правење затоа што не знам дали тој ден или период ќе можам да станам од кревет. Еден од симптомите е и краткиот фитиљ народно кажано – бес и избувливост.

Јас, може со месеци да имам неверојатно трпение за сè и за сите, па да настане период каде немам трпение за ништо.

Потфрлувам како мајка кога сум депресивна затоа што има денови кога не сум способна едно јајце да испржам, а не да бидам примерот кој мојот син ќе го следи. Не секогаш сум жената за која Сајмон се ожени, но неговото трпение е неисцрпно. Исто така, тој воопшто нема проблем да ме замени во некои обврски кога јас не можам.

На пример, со месеци се случува да не сакам да одам во супермаркет затоа што ме фаќа паника од големиот избор и се блокирам. Знам да кажам нешто без никаков филтер и да повредам некого, а воопшто тоа да не ми е намерата.

Дома сме исклучително искрени сите тројца и сметам дека сме покохесивно семејство поради тоа.

Би додала дека мислам дека без биполарноста сега веќе би била редовен професор, наместо доцент.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-11.jpg

Колку поддршката од најблиските ти е од помош, како е прифатена твојата состојба?

Сметам дека со тоа што ќе се стави етикета на некој здравствен проблем автоматски таа етикета во скоро време ќе биде прифатена. Тоа е процес кој трае со години.

Иако верувам дека сум ја прифатила мојата дијагноза, кога сум депресивна чувствувам срам, кога сум манијакална ја носам како значка на гордост.

Поддршката од најблиските е најважна и сите овие години ме одржува во живот. Многу е тешко за личност без ментални проблеми да разбере низ што поминуваме, но може да се дава поддршка и без да се разбере состојбата темелно.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-02.jpg

Како реагираше мајка ти, се сеќаваш ли на првите разговори на темата?

Мајка ми е социјален работник со пасија за психијатрија. Нејзината реакција иако не се сеќавам детално, беше позитивна и со многу љубов и поддршка.

Дали станува збор за наследна болест?

Да.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-05.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Марија од Скопје за ракот на дојка: „Не гуглав лекови, полесно ми беше да патувам по светот, отколку... „Дијагнозата само ми ги изостри сетилата за уживање во животот. За цело време на...
Бразилецот Клаудио за посетата во Македонија: „Македонките се преубави, таксистите наплаќаат трипати... „Локалците, кои јас ги запознав, се навистина заинтересирани за странци, посебно...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Миа од Скопје игра во серијата „Балканска приказна“: „Сама го научив јазикот, имав само половина час... „На снимањето имаше околу 50 луѓе коишто работат зад камерата, се бара највисоко...
Марија има кафе-книжарница во Куманово: „Многумина ме премислуваа, но сфатив дека кумановци многу чи... „Кумановци читаат! Читаат многу популарна психологија, читаат и трилери и романи...
Анастасија од Скопје е моторџика: „Поминав 3.800km околу Јадранот за 15 дена со мотор“ „Уште од мала се интересирам за мотори. Во Македонија возачката култура поврзана...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg