Анастасија од Скопје е моторџика: „Поминав 3.800km околу Јадранот за 15 дена со мотор“
- Детали
- четврток, 14 декември 2023
„Уште од мала се интересирам за мотори. Во Македонија возачката култура поврзана со моторите е на ниско ниво. Мислам дека на секој моторџија му е чест кога ќе запознае жена моторџика и ние сме одлично прифатени“, открива моторџиката Анастасија од Скопје за CRNOBELO.com.
Анастасија Точевска (29) од Скопје од својата десетта година е заљубена во моторите, почнала со мал мопед, а сега вози Honda NTV (Revere) 650cc од 1995 година. Уште како дете им се восхитувала на моторџиите, а од 11 години нејзино главно превозно средство бил семејниот мопед.
За CRNOBELO.com таа открива дека автомобилот и е само превозно средство, додека моторот е средство за уживање и соединување со природата.
Во нејзиното долгогодишно искуство со возење на две тркала, најголем предизвик ѝ било возењето на поголем мотор поради нејзината висина, но со текот на времето станала сè посамоуверена и сега воопшто не ѝ проблем.
Анастасија планира многу патувања со својот мотор, а нејзиното најдолго патување досега извозила 3.800 километри за 15 дена, обиколувајќи го Јадранското Море.
А, она што е и чест и гордост, е што девојките-моторџики се навистина добро прифатени во Македонија.
Во продолжение, целото интервју со Анастасија:
Како и кога започна да се интересираш за моторите? Што те натера да го заследиш овој пат?
За мотори започнав да се интересирам уште како мала. Уште како дете, со восхит во очите сум ги забележувала и набљудувала моторџиите.
Започнав со возење мал кинески „фамилијарен“ мопед од 50cc кој, верувале или не, моите родители сè уште го имаат. Имав 10 години кога го купивме, а веќе на 11 беше мое главно превозно средство.
Кои се твоите најомилени моменти од возењето мотор? Имаш ли некоја специфична приказна или искуство од патувањето што би сакала да го споделиш?
Го обожавам чувството кога ќе започне патувањето и уживањето во текот на патот. Дестинацијата е награда и повод за да испиеме некоја добра пијачка со ручек/вечера во знак на добро извозен пат без никакви инциденти, но омилен дел ми е самото патување.
Автомобилот е превозно средство, а моторот е средство за уживање и соединување со природата. Како и повеќето моторџии, уживам во сцените на природата, а особено се радувам на добар асвалт и интересни кривини.
Прекрасно е чувството кога се подобруваш како мотоциклист, особено за мене што неодамна започнав да возам посилен мотор, кога си сè подобар од претходниот пат, кога влегуваш во кривина со голема брзина, но чувствуваш самодоверба во сопствените способности и во моторот. Кога си даваме знаци за претекнување на возило и кога цела колона вози како едно.
Кои се најголемите предизвици кои си ги искусила како девојка моторџика? Како се носиш со нив?
Најголем предизвик за мене кога започнав со возење на поголем мотор, пред околу 2 ипол години, беше лимитираност на мотори и опрема за девојки. Јас сум висока 161cm, па беше вистински предизвик да најдам мотор соодветен за мојата висина.
Првиот мотор кој го возев беше мал чопер, Keeway Superlight 125cc, кој најмногу го користев низ град, но и за „бавни“ патувања низ Македонија. Кога дојдов во „Мото Клубот Вепар“, започна заедничка истрага по мотор погоден за мене како „почетник“ за посериозни патувања.
Квалитетот на моторот беше секундарен, а патувавме и низ градовите во Македонија, само за да ја пробам висината на седиштето.
Тогаш го купив мојот втор мотор, Suzuki Bandit S 650cc, со 87 коњски сили. Навистина огромен скок од претходниот градски мотор.
Седиштето сè уште ми беше високо, па од Амазон нарачав таканаречени dog bones, со кои го спуштивме за 4cm, кои навистина направија разлика.
Важно е да напоменам дека како изминуваше времето, така станував сè посамоуверена во себе и во моторот, па она што не допирам целосно со 2-те стапала на земја, веќе не ми претставува голем проблем.
Како се подготвуваш за долги патувања со мотор и кои се најважните аспекти на подготовката?
Најважен аспект на подготовка, без разлика дали станува за кратко или подолго патување, е секогаш техничката исправност на моторот. Потоа, тргнување навреме и носење соодветна опрема.
Кои типови мотори те привлекуваат најмногу? Кој е твојот омилен модел или марка?
Најмногу ме привлекуваат „Ендуро“ мотори, поради комбинираната способност за возење на секакви патишта. Омилен модел ми е „Тенере Т700“, но за жал тој модел не може да се прилагоди за пониски возачи.
Како го одржуваш твојот мотор и се грижиш за неговата состојба?
Редовно. Како со секое возило, особено важно е и за моторите – колку повеќе го одржуваш, толку повеќе тој возвраќа.
Најосновните работи се проверка на притисок во гуми, масло за мотор, течност за ладење, менување филтри, глицерин за кочници, плочки и дискови на кочници. Редовен голем сервис правам обично пред отворање на сезона за возење, некаде во март, април.
Менувам масло и филтер за масло на 6.000 километри, а гуми на 14.000 километри. Најважниот аспект за чување на моторот е маслото, а за безбедноста се кочниците и гумите.
Како се чувствуваш за безбедноста на другите учесници во сообраќајот и за твојата безбедност?
Во Македонија културата поврзана со моторите е на ниско ниво. Ретко се забележуваат, се сечат улици, нагло застанување без користење на трепкачи се само дел од ситуациите во кои јас сум се нашла.
Најопасно е сечење на пат особено штом ќе заврне, каде мотор не може лесно да закочи и настанува лизгање и можност од пад.
Истото така, апелирам и до сите возачи да ги пропуштаат моторите на граничните премини, бидејќи ќе одземат само неколку минути, а навистина е проблематично да се чека во колона со автомобили, особено на пеколни температури со тешка и дебела опрема, додека возачите во автомобил се разладуваат со клима уредите и ладен пијалак.
Кои се твоите цели и амбиции во светот на моторите? Имаш ли специфични патувања или искуства кои би сакала да ги оствариш?
Имам многу патувања кои ги имам на ум и би сакала да ги остварам. Оние кои можам да ги наведам како први на мојата листа за наредните неколку сезони се: патување околу Шпанија и Португалија, како и Шкотска и Ирска, кои ми се на листа за потенцијални патувања за следната година.
Потоа, Централна и Јужна Америка, Индија, транссибирска рута (Русија, Монголија, до Кина), но целосно извозена со мотор, како и делови од Африка.
За време на патувањата, мојата цел не е само да стигнам до дестинациите, туку навистина да ја искусам околината, да поминам можеби и неколку денови на едно место, живеејќи ја културата, уживајќи во храната и запознавајќи различни обичаи и стилови на живот.