„Бев на гости кај кројачот Ангелковски – ме пречекаа синот и внукот на големиот мајстор Благоја“
- Детали
- сабота, 03 септември 2022
„Овој дуќан на Партизанска на татко ми му беше срцето и душата, мислам дека цел Балкан го знае овој дуќан“, ми раскажа Борко Ангелковски за неговиот татко - големиот мајстор, дипломираниот моден кројач Благоја Ангелковски, кој по смртта го наследиле тој и неговиот син Горјан Ангелковски (30) кој го учел занаетот од дедо си од најмали нозе. Три генерации кројачи во еден од најкултните кројачки салони во Скопје испишуваат историја.
Кога и да поминам покрај кројачкиот салон Ангелковски на Партизанска и го гледам како гордо стои таму, имам чувство како отсекогаш да е таму, и со сигурност тврдам дека е едно од култните места кои се дел од срцето и душата на Скопје, особено кога ќе слушнам како постарите со љубов говорат за него.
И големиот и легендарен мајстор Благоја Ангелковски, за жал повеќе не е таму, почина на 81-годишна возраст во 2015 година, но таму се неговите наследници неговиот син Борко и синот на Борко, односно внукот на Благоја – Горјан Ангелковски (30), кои ми кажаа дека големиот мајстор Благоја работел до крај, односно повреда од пад го спречила да работи само во последните неколку месеци од животот.
Легендарниот кројачки салон кај Универзална сала е отворен 1964-та година, по земјотресот, а големиот мајстор Благоја Ангелковски, роден 1934 година во Бунарџик, ги поставил стандардите за шиење по мерка.
Неговиот прв дуќан бил урнат со земјотресот, па Благоја со синот Борко се преселил во Белград, но потоа одлучил да се врати и бизнисот да го гради во своето сакано Скопје. Оттогаш сè е историја.
За големиот мајстор, со положен мајсторски испит, и неговите вештини знаеле сите, а кај него одела си шиеле многу видни фаци, од владиката Михаил, па до некогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров за време на неговиот мандат. Таму оделе и многу воени лица од ЈНА од цела Југославија.
Борко со гордост се сеќава на тоа време, а ни откри дека тој, оптичар по струка, тогаш направил очила за госпоѓа Наде, сопругата на Киро Глигоров и ја имал неверојатната чест со татко си под рака, како дете, да влезе во претседателската вила.
„Татко ми работеше со неверојатна прецизност и оделата легнуваа на клиентите совршено, правеше само по 2 проби, максимум 3, ако некој беше поспецифичен клиент, а јас на секоја од тие проби буквално му дишев во врат и гледав што прави. Секогаш, сам ги земаше мерките.
Имам муштерии од негово време кои уште ни доаѓаат или пак кај нас доаѓале татковците, а сега доаѓаат синовите – едноставно љубов и соработка која трае со децении“, ми раскажа кројачот Борко.
За култниот дуќан на Партизанска тој вели:
„Овој дуќан на Партизанска на татко ми му беше срцето и душата, мислам дека цел Балкан го знае овој дуќан. Кај него занаетот го учеа многу видни кројачи, како што е денес реномираниот моден дизајнер Изет Цури, кој на погребот на татко ми му оддаде вистинска почит, додека некои го подзаборавија.“