Ели (26) од Гевгелија: „Додека работев на Канарските Острови ми дојде идејата за свој бизнис“
- Детали
- петок, 05 август 2022
Браво за ваквата креативна младина во Македонија! „Пред 4 години работев во Шпанија на Канарските Острови, каде што голем дел од слободното време го поминувавме на плажа скоро секој ден...“, ја почнува својата приказна Ели Соколова (26) од Гевгелија за CRNOBELO.com и ни открива како ѝ дошла идејата за изработка на персонализирани шешири, колку време ѝ одзема изработката на еден шешир, но и какви барања од неа имаат клиентките.
Ели Соколова (26) од Гевгелија е креативна девојка која сака авантури, необични и уникатни работи, има студирано туризам и маркетинг во Македонија и Турција, а работи маркетинг за една американска компанија.
Но, тоа што ја исполнува најмногу е нејзиниот мал бизнис, кој го започнала сосема спонтано, а го обожава. Тоа е правењето на персонализирани шешири и модни додатоци за на плажа за нејзиниот бренд „Personalised Vacation“.
Таа обожава да ги прави среќни своите клиентки, така што им ги исполнува желбите да имаат токму онаков шешир каков што си посакуваат, односно со напис кој говори за нив и нивното моментално расположение.
Креативноста дефинитивно ѝ е силна страна.
Ели ја раскажува својата инспиративна приказна за CRNOBELO.com:
Забележав дека повеќето девојки на плажа посветуваат внимание на својот изглед и модни додатоци, но сепак шеширите им беа слични...
Па, така ми се роди идеја кога ќе се вратам во Македонија, идното лето да започнам со изработка на персонализирани шешири коишто ќе им овозможат на девојките да имаат поразличен моден додаток за време на својот летен одмор, којшто е изработен со внимание и љубов, воедно секоја од нив да се истакне на свој уникатен начин.
Летото 2019 скромно започнав со еден модел шешир во 3 бои, и текст во една боја. Како за првпат добив повеќе од очекуваната заинтересираност, меѓу кои и изработки за невести и групни момински прослави, при што ми се роди идеја да ги надополнам шеширите со цветови кои би одговарале на повеќе пригоди и вкусови зависност од пишаниот текст.
Тука би сакала да напоменам дека добив поддршка од нашата блогерка за патувања и животен стил @janeva, која несебично подаде рака на мал бизнис којшто беше на самиот почеток со тоа што организиравме „giveaway“ и тоа резултираше со зголемена побарувачка на моите производи.
Со оглед на тоа дека денешните девојки посветуваат внимание и би сакале да се истакнат за време на летниот одмор, работев на тоа да го проширам асортиманот на производи и изработка, па воведов комплети за мајки и ќерки, сламени шешири, а воедно текстот почнав да го изработувам во повеќе бои.