Љубовната приказна на Симона и Славјан: „Романтичните свадбени фотографии ни ги направи сестра ми во Охрид“
- Детали
- недела, 31 јули 2022
„Нашата идеја во врска со свадбена фотосесија беше да биде во сицилијански стил на море, затоа нешто што беше најслично до нашите можности беше да организираме фотосесија во Охрид. Прикажувајќи ја магијата на Охрид и прекрасните манастири кои ни нудат посебно чувство се решивме да си организираме сами ваква фотосесија …“, раскажува Симона Трајковска (28) од Скопје за CRNOBELO.com.
Симона Трајковска (28) од Скопје, веќе 5 години работи како жена претприемач заедно со нејзината сестра во нивното ателје за свадбени декорации.
Има завршено Економски факултет во Скопје, а токму таму и се запознала со нејзиниот сопруг Славјан Трајковски (28) од Скопје, кој исто така е претприемач во сопствена фирма за градежништво.
Таа за CRNOBELO.com ја раскажува нивната љубовна приказна:
„По 5 години од нашата љубовна врска на 14 февруари 2022 година, на Денот на вљубените тој одлучи да ме запроси.
Во организација со мојата сестра, нејзиниот дечко и мојата мајка ми направија незаборавно изненадување, кое ќе го паметам за цел живот.
Најпрво бевме ние двајца излезени на вечера во еден ресторан на кеј во центарот на Скопје и не можев ништо да забележам дека во меѓувреме ми спрема нешто многу убаво, само малку ми беше чудно бидејќи првпат не ми подари ништо за празникот.
Тоа беше најинтересниот дел бидејќи малку му се налутив, но потоа кога ме однесе во нашиот нов дом, со затворени очи влегов во собата, внатре имаше поставено масички со многу рози, свеќи и табличка на која пишуваше „Will you marry me“.
Почувствував таква среќа која не се опишува со зборови. Тој момент вреди за цел живот.
Нашите подготовки за свадбата почнаа веднаш. Најпрво го одредивме датумот 05 август 2022 година во ресторан Парк, потоа веднаш го закажавме и Бендот Браќа Нуне и Мими Јовановска, црквата е исто така закажана за тој датум во Рождество Пресвета Богородица.
Сакаме да си ги задржиме сите македонски православни обичаи, ќе има китење на домот во четврток, земање по невеста, црква и потоа ресторан.