Рејчел, локалец на Малдиви: „Живеам на мал остров, темпото е мирно, а би сакала да ја посетам Македонија“
- Детали
- недела, 29 мај 2022
„Разведената жена на Малдиви не се соочува со стигма од народот и жените не мора да го присвојат презимето на мажот, како во други држави во светот. Фудбалот е национален спорт на Малдиви, така што сите генерации, од деца до возрасни го практикуваат“, раскажува Рејчел Зарер (25), која живее на Малдиви, за CRNOBELO.com.
Запознавме уште еден интересен лик од Мафуши, локален остров на Малдиви. Рејчел Зарер (25) работи на рецепција во хотелот „Арена“ и постојано е во контакт со македонски туристи кои доаѓаат во оваа островска држава преку Џангл Трајб.
Рејчел има желба да поседува синџир на хотели на Малдиви, кој би прераснал во препознатлив бренд за туристи. Во слободно време заедно со својата ќерка оди на пикник на локалната плажа или посетуваат други локални острови, често знаат да фаќаат риби и да прават скара заедно со пријателите.
Рејчел за CRNOBELO.com открива детали за животот на локалниот остров Мафуши:
Како изгледа секојдневјето на локален остров на Малдиви?
Навистина е пријатно и убаво, изгрејсонцето и зајдисонцето се нештата на кои навистина сме благодарни. Конкретно животот на Мафуши го обожавам поради тоа што е многу мирен и сè е во хармонија помеѓу локалното население, кое, исто така секогаш е расположено да помогне во која било ситуација.
Како е да се биде жена на Малдиви?
Да се биде жена во оваа островска држава нè прави да се чувствуваме посебни. Разведената жена на Малдиви не се соочува со стигма од народот и жените не мора да го присвојат презимето на мажот, како во други држави во светот.
Како е да се работи на рецепција во хотел „Арена“, еден од најпознатите хотели на островот Мафуши?
Зборувајќи од своето лично искуство можам да кажам дека е навистина возбудливо. Постојано запознаваш нови луѓе од различни земји, а со тоа добиваш и поубава слика за светот што постои надвор од Малдиви. Скоро секој ден е нова авантура, зашто постојано се среќаваш со различни ситуации и човечки приказни.
Но, понекогаш работата на рецепција знае да биде истоштувачка, посебно што мора да се залагаш да ги исполниш барањата на гостите и на крајот од денот да бидат задоволни од услугите што им ги даваме. Како и да е, сè почнува и завршува од нас!
За мене лично, најинтересната и најпредизвикувачката работа во хотелот е што понекогаш треба да се соочиш со 100 нови посетители секој ден. Тоа ми е навистина интересно затоа што треба да им дадеш брифинг на сите за хотелот, како и за целиот островот и да ги спроведеш до соби.
Исто така во хотелот во кој работам има различни настани секоја вечер: шоу со огин, диџеј, караоке, бодуберу – традиционална малдивска музика…
Што е она што секој посетител на Мафуши треба да го посети и направи?
Секако, да го посетат хотелот „Арена“ и да ги доживеат нашите врвни услуги, храната, спортовите на вода, пливањето со ајкули, со желки, немо рипчиња, ражи и собите што им се на располагање на туристите.
Мафуши е првиот локален остров каде што се отворени гостински куќи, пред тоа не беше возможно туристи да се мешаат со локалното население, приватните ресорти беа предвидени за нив. Така што историјата на локален туризам почнува токму од Мафуши. И во моментот каде што се наоѓа една од зградите на „Арена“, тука пред 8 години имаше една гостинска куќа само со 4 соби.
Кои се најдобрите туристи?
Сите гости се различни сами по себе и со секој треба да постапуваш поинаку. Во секој случај секој гостин има различно искуство со нас, а ние за сите наши клиенти сме еднакви. Ако треба да издвојам некоја националност би кажала дека гостите од Балкан што доаѓаат преку Џангл Трајб се доста забавни и пријателски настроени спрема целиот персонал и локалните водичи.
Каков е школскиот систем во Малдиви?
Тука е застапен Кембриџ образовниот систем во основното образование. Вториот јазик во школото е англиски и скоро сите предмети се изучуваат на овој јазик.