Урбан лик: Нешо од Скопје на 64 години е Твитерџија, тркач, скијач, вози мотоцикл и е дедо за медал (фото)
Тајната на бракот вели дека пред сè е со партнерот да бидете најдобри другари, но и во обврските околу децата и домот да не заборавите да ги негувате емоциите еден за друг и да се потрудите да не исчезнат. Секогаш да одвојувате време еден за друг затоа што ако немаш љубов, немаш ништо и слободно да ги оставате децата кај нивните баби и дедовци за да имате време за средби на само со партнерот/ката.
„Кога ќе погледнам наназад на мојот брак, но и мојот живот комплетно, навистина не би променил ништо. Презадоволен сум од него, а и од тоа како ги воспитавме нашите ќерки“, вели Нешо и додава дека неговата сопруга нема да може никој никогаш да ја замени.
Не можев, а да не го навратам Нешо со спомените уште малку на почетоците од брачниот живот, па тој ми откри уште нешто за бракот со неговата Буца:
„Иако двајцата по потекло од видни семејства, ние почнавме практично од нула, сè создадовме сами и токму во тоа беше убавината. Постојано шетавме, имавме многу гости и огромен број на пријатели.“
Бидејќи е вљубен во адреналинот и моторните возила, никогаш не изостануваат ниту неговите гаџети. Можете да го видите како активно го вози неговиот мотоцикл Дукати, кој му бил неисполнета желба од неговото детство, па е емотивно врзан за него
Нешо поседува и ATV четвороцикл со кој ги истражува планините и шумите.
За зимскиот период пак има две гасеници со кои оди во недопрена природа на планински врвови за кои малку луѓе знаат.
„Ако некој се заглави во Маврово со моторна санка и потребно е спасување, знаат дека секогаш можат да ми се јават на мене и пристигнувам со ратрак таму.“
Исто така е и страстен скијач.
Брзината му е во крвта, па со сплет на околности станал тркач на свои 62 години во Твинго купот и уште активно се трка нa европските стази.
Тој вози тркачки автомобил за Рено и има настапувано на најпознатите стази во Европа, и тоа од Унгарија до Хрватска. Беше дел и од европскиот шампионат, како најстар учесник во официјалниот дел.
Но и покрај сите видови на хоби, омилена активност му е грижата за внуката Ирис.
„Таа не ме вика дедо, за неа сум Нене, уживам кога ја чувам и се случува со седмици да престојуваме сами со неа во Маврово.
Јас учествував во нејзиното прво бањање, а за првпат ми ја оставија сам да ја чувам, со измолзено млеко во шишенце, кога имаше само 8 дена“.
Нешо вели дека во младоста бил автостопер и во 4-та средно со автостоп патувал низ цела Европа.