Универзални проблематики преточени во музика - Запознајте го македонскиот бенд DRIOMA
- Детали
- понеделник, 06 август 2018
Нема да е шега ако напишам дека периодов македонската хеви-метал сцена се збогати со уште еден интересен и долго најавуван студиски албум.
Станува збор за Ethereal Stains на кумановскиот бенд DRIOMA, кои свират алтернативен/стонер рок со прогресив елементи.
Бендот кој постои веќе три години го сочинуваат: Марија Крстевска (вокал), Андреј Мициќ (тапани), Бојан Николовски (гитара) и Александар Неделковски (бас-гитара).
Во продолжение следува разговорот со DRIOMA.
Здраво дечки, неодамна во кафе-бар Агора во Куманово го промовиравте вашиот прв студиски албум насловен како Ethereal Stains - како течеа подготовките, знаејќи дека на овој материјал работевте подолг период?
- „Здраво, Евгениј! Така е, промоцијата на нашиот деби албум се случи неодамна во кафе-бар Агора во нашиот роден град, каде што успешно го заокруживме процесот на тригодишно творење, подготовки и реализација на сето она што претставува промоција на носач на звук. Не мора да потенцираме дека во денешните услови на музичката сцена, треба да се вклучат и да помогнат многу луѓе за на крај да се добие барем достоен исход од работата. Без таа безрезервна помош и поддршка, сето ова немаше да се случи, и навистина сме благодарни на сите што на каков било начин се вклучија во нашата приказна.“
И, како е да се свири на домашен терен и пред свои луѓе?
- „Не паметиме некоја посебно лоша свирка генерално до сега, а што се однесува конкретно до Куманово - секогаш си поминуваме екстра, има луѓе коишто од почетокот не пропуштиле ниедна свирка, но и луѓе коишто доаѓаат за првпат и на крај бараат да свириме уште песни. Агора не е само место каде што свириме, туку и место каде што сите ние излегуваме веќе сто години и сите сме си некако како дома, а тоа придонесува секоја свирка таму да има некоја посебна конекција со „нашите“ луѓе.“
Сега би сакал да се задржиме на процесот при создавање на песните, беше ли проблематично да се искомбинираат и соединат четири различни музички вкусови за на крај да се добие албумот на DRIOMA?
- „Целиот процес на комбинирање и вклучување повеќе правци во една смеса, за нас беше еден сосема природен процес. Од самиот почеток, целта на бендот беше да се создава музика што ќе има содржина. Содржина што ќе зборува за нас како луѓе и како љубители на музиката. Немавме планови ниту конкретно да звучиме како „тој и тој“ бенд, ниту, пак, да звучиме со сила уникатно. Едноставно оставивме работите да си течат, рифовите почнаа да се крчкаат, вокалните линии да се слеваат, со што песните постепено си добија форма и се „насобра“ материјал за албум.“
Додека ги читав текстовите на песните сфатив дека жанровски се разликуваат и дека ги опфаќаат универзалните проблематики на секоја човечка единка. Сакавте ли лирскиот дел да биде поблизок до реалноста на вашите слушатели или се водевте според своите потреби и изјаснување на себеси?
- „Универзалните проблематики секако се неизбежни, особено во времето во кое живееме. Како за самиот тек на создавање на песните, истото важи и за текстовите на песните. Немавме предодредени планови или намера да ги насочиме текстовите кон одредена публика. Секој текст е создаден според енергијата и емоцијата што произлегла од инструменталниот дел, а некои од текстовите се и (авто)биографски. Оттаму и исходот на жанровски различни тематики во сите песни.“
Преку песната Decay Highway 1300 зборувате за Куманово, каков е ставот за вашиот роден град и колку тој ве има вдомено?
- „Генерално земено, сите текстови се полни со метафори или „завиени“ пораки, па слушателот може да си ја толкува песната на свој начин, додека некои од нив „бодат“ со очигледноста во значењето. Таква е Decay Highway 1300, која е една од автобиографските, и како што кажува самото име, не е на арно. :D
Си го сакаме градот, сме пораснале тука и тоа не може никој да ни го сруши, но факт е дека квалитетот на животот во државата (не само во нашиот град кој е опеан во песнава), е на страшно ниво и дека се празниме, стануваме пустина без младина, и дека веќе не гледаме просперитет тука.“
Вашиот албум е прикачен на еден од најпознатите YouTube канали Stoned Meadow Of Doom 2 со речиси 90.000 претпланици, кој се залага за промовирање на авторски бендови кои свират стонер, дум, психоделик и друг вид на метал музика. Како ја остваривте соработката?
- „Каналот Stoned Meadow Of Doom е најголемата YouTube архива за ваков вид на музика и ние одамна го следиме како љубители на стонер, дум и сите останати правци што тој ги опфаќа. Соработката се оствари многу едноставно: исконтактиравме директно со Клинт Бид, основачот на овој канал, му ги пративме двата сингла што веќе ги имавме објавено и го прашавме дали сака да го објави нашиот албум на неговиот канал.
Веднаш се сложи и за неколку дена албумот беше прикачен, доби голема гледаност и навистина сме изненадени од сите позитивни коментари, лајкови и споделувања.“
https://www.youtube.com/watch?v=gK2358v-yQA
Знам дека имавте доста настапи во изминатиот период, со кого досега ја имате делено сцената?
- „Досега сме свиреле со многу бендови што ги почитуваме, со наши колеги од домашната сцена, како што се: Minstrel’s Galery, Gargoyles, Trendkill, Hardfaced, но и со странски познати имиња, како што се: Egypt, Planet of Zeus, Naxatras, Cardinal Point, Mud Factory, Yuvigi и други.
Бидејќи се наоѓаме некако „помеѓу“ правци, не е секогаш лесно да се вклопиме во одредена комбинација, но благодарение на луѓето околу нас што нѐ повикале и ни помогнале да се искомбинираме со други бендови, имаме супер искуства и задоволни сме од досегашните концерти.“
Веројатно после промоцијата на албумот ќе ви треба малку време за да земете здив, но дали работите на нов материјал за понатаму?
- „Секако. DRIOMA не застанува тука, имаме нов материјал кој веќе неколку пати и сме го свиреле, материјал кој ќе се доработува, доградува и полека ќе се крчка за следното издание.“
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело